19 декември 2008 - Le Courrier de la Macédoine
Повеќемина средношколци од Македонија и од Долна Нормандија, Франција, учествуваат, чекор по чекор, во воспоставување на образовна соработка. Размената меѓу средните училишта од Грандвил (Grandville) и Скопје, Лизје (Lisieux) и Тетово, Монтвил (Montville) и Штип веќе отпочна. Таа се одвива меѓу професори. Оваа недела, франсцуската делегација од Регионалниот совет на Долна Нормандија е во посета на Македонија со цел да ги запознае наставниците, да ги слушне нивните идеи и размисли и да отпочне со нивна реализација.
“Прв пат кога се спомена размена меѓу нашите ученици и учениците од Македонија, имавме бројни прашања! Каква е Македонија, и каде е? Бевме обземени од љубопитство... Учениците сè уште не се во директен меѓусебен контакт, но контактот треба да се оствари на почетокот од 2009 година”, објаснува Силви Гитон (Sylvie Guitton), наставничка по книжевност и историја во средно училиште во Монтвил во Долна Нормандија, збратимено со средно училиште од Штип. Таа ќе го изучува со нејзините ученици животот на војникот Валентин (Valentin), кој се борел на Источниот фронт за време на Првата светска војна, во близина на Битола. За време на нејзината посета на Македонија во јуни, таа ја погледна изложбата на кроки цртежи од војникот како и неговиот воен дневник, којшто семејството на војникот се согласи да ѝ го позајми. По ова откритие, наставничката реши да напише неколку статии на оваа тема и да го изучува Источниот фронт. Оние ученици кои го следат предметот ОНО и го изучуваат процесот на топење на металите, ќе подигнат статуа во чест на војникот која ќе биде пренесена во Македонија ове лето.
По предметот книжевност, учениците од Лизје (Lisieux) и Тетово ќе ги изучуваат записите од писателот од Македонија, Луан Старова, посветени на пријателството меѓу Гијом Аполинер (Guillaume Apollinaire) и Фаик Коника[Faïk Konitza et Guillaume Apollinaire. Une amitié européenne, L’Esprit des Péninsules, Paris, 1998.]. Фаик Коника, албански писател, учел во училиштето во Лизје за време на неговите средношколски години.
Бројни, разновидни проекти се предвидени и веќе девет средношколци се поврзани со врсници од Долна Нормандија. Преку размената учениците ќе имаат можност да се запознаат со нови пријатели, да откријат нова земја, или да стажираат во македонски или француски претпријатија.