петок 22 јуни 2012

Ќе се реставрираат традиционални објекти во Мариово

15 август 2010 - Makedonija
A1

За да заживее алтернативниот и меморијалниот туризам во руралната општина Новаци, започната е реализацијата на неколку проекти во битолскиот дел на Мариово, каде што има повеќе запуштени села со куќи од традиционалната автентична градба.

Пеце Стефановски

Целта е да се совладаат вештините за реставрација која ќе започне идната година, со поддршка на Центарот за институционален развој и Регионот Долна Нормандија од Франција. Во овој проект се вклучени и општините Маврово-Ростуше и Берово, а четиридневната обука беше реализирана во Мариово.

Во мариовскиот крај, односно во село Старавина се одвиваше практична работилница за реконструкција и реставрација на стара традиционална градба.

Учесници на оваа обука се граѓаните на општината Новаци кои поседуваат такви стари традиционални градби, потоа граѓани од општината Маврово и студенти од Факултетот за архитектура.

„Целта на оваа обука беше да се пренесат вештини техники за реконструкција на стара традиционална градба со употреба на природни материјали. Тоа се дрво, камен и земја“, вели координаторот на проектот Срѓан Амет.

Обуката ја спроведе експертот за традиционална градба Тефик Тефиковски кој тајните на ова мајсторство ги совладал во родното село Јанче, а се усовршил во Италија.

„Куќите се останати празни, преубави и со паднати кровови. Пробавме на некој начин, со материјалите што ги најдовме тука околу селата, да направиме нешто и да вратиме во живот некои од тие објекти“, рече Тефик Тефиковски, експерт за реставрација.

Според неколкудневните согледувања на мариовските традиционални градби, овој експерт е убеден дека Мариово може да стане туристичка атракција.

Од друга страна, во пописот на француските експерти пред две години, регистрирани се 25 куќи, кои општината Новаци ги става на располагање како свои алтернативни ресурси за туристичкиот развој на Мариово.

План на интернет страната | © Conseil Régional de Basse-Normandie - Tous droits réservés
Région Basse-Normandie République de Macédoine Ministère des Affaires étrangères et européennes ALDA