петок 22 јуни 2012
Accueil > македонски јазик > Соработката помеѓу Долна Нормандија и Македонија > Новости од соработката > Тркалеза маса/ работилница : „Примената на пишаните медиуми во високото образование“

Тркалеза маса/ работилница : „Примената на пишаните медиуми во високото образование“

30 септември 2010 - Скопје
Оска 3: Медиуми - Гласникот/Le Courrier de la Macédoine

На 29.09.2010 во Клубот на новинари, Скопје, се одржа тркалезна маса/ работилница на тема „Примената на пишаните медиуми во високото образование“. Настанот беше организиран од страна на Гласникот во рамки на оската 3-Медиуми од проектот за децентрализирана соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија.

JPEG - 83.5 ko
(© CdB /Axel Leclercq)

Тркалезната маса и работилницицата беа модерирани од Андријана Папиќ, Гласникот, асистент на оска 3/Медиуми од Проектот за децентрализирана соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија.

Учесници на тркелзната маса беа проф. д-р Снежана Петрова, шеф на катедрата за преведување и толкување при Филолошкиот факултет во Скопје, Анита Кузманоска, лектор при Филолошкиот факултет, Скопје, понатаму Филип Стојановски од Метаморфозис и претставник на Глобал Војсис Онлајн на македонски и Ивана Димитровска од АЛДА, инаку дипломиран филолог на катедрата ПиТ (преведување и толкување). За време на тркалезната маса беа присутни 8 студенти од катедрата по француски јазик и книжевност и од катедрата за преведување и толкување при Филолошкиот факултет. Тркалезната маса беше следена од Аксел Леклерк, новинар, кој го документираше настанот за потребите на проектот Децентрализирана соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија Учесници на работилницита, како што и беше предвидено, беа единствено студентите и организаторите на настанот Андријана Папиќ и Елена Костовска.

Дел 1 - ТРКАЛЕЗНА МАСА
I. На тркалезната маса беа отворени следниве прашања, наменети за професорите:
1. Преведувањето и новинарството изискуваат постојано да се биде во тек со работите. Самата природа на професиите наложува да се информираме за се` што се случува. Па, како најчесто се информирате (Интернет, печатени медиуми, телевизија)?
2. Кои весници/ блогови/ сајтови ги консултирате? Дали се тоа претежно македонски или француски извори?
3. Можете ли да направите споредба помеѓу странски и македонски весник (структура/ организираност/ актуелност/ јазик/ квалитет на веста) ?
4. Какви теми ги интересираат студентите? Дали можеби ги интересираат теми поврзани со областа каде сакаат да се остручат како идни преведувачи/ толкувачи/ новинари?
5. Методологија – како ги одбирате написите (од аспект на структура, јазик, разбирливост, актуелност на темата)? Какви теми најчесто одбирате?
6. Што е со јазикот?

Уште во првите 10 минути од тркалезната маса, професорите почувствуваа потреба да се осврнат и кон еден друг проблем со кој се соочуваат во нивниот секојдневен живот - недостигот од телевизиска програма на француски јазик, а за тоа ги обвинуваат телевизиските куќи. Нивниот став е дека тие се спремни да платат, но за жал нема ни за тоа опција.

Зошто веднаш се спомнува овој проблем кога очигледно во Македонија нема доволно ни печатена литература која би се користела во студиите? Ставот на професор Петрова по ова прашање е следниот: „Јазикот треба да се слуша, треба да се учи, вие треба да бидете постојано изложени на еден јазик за тој да стане дел од Вашиот секојдневен живот.“

Што се однесува до прашањето како се информираат, професор Петрова рече дека таа повеќе чита француски списанија и весници и со себе имаше примерок од француското списание „Ле Фигаро“, специјално издание, за кое потенцираше дека е извонредно и дека во Македонија недостигаат извори од таков карактер. Лектор Кузманоска во својата работа со студентите најмногу одбира текстови од весникот „Нова Македонија“ од причина што од аспект на јазикот, тие се најприфатливи. Според неа, во македонскиот печат недостигаат аналитички текстови, односно текстови кои прават синтеза на случувањата. Но најгорливиот проблем, според неа, е што во редакциите на самите весници не се вработени професионални лектори и преведувачи кои ќе се грижат за квалитетот на јазикот и оттука, за квалитетот на самата вест.

За време на тркалезната маса се отвори и прашањето за нелојалната конкуренција помеѓу преведувачите, незаштитеноста на личниот труд и опасноста секој преведувач да стане евтина работна сила. Токму затоа се потребни здруженија кои ќе работат на таа проблематика, здруженија кои ќе ги штитат преведувачите, сметаат и двете.

JPEG - 80.8 ko
(© CdB /Axel Leclercq)

II. Споделување искуство – Ивана Димитровска (дипломирана студентка на ПиТ)

1. Дали повторно би се запишала на ПиТ? Зошто?
2. Ги слушна студентите и професорите. Дали нешто би променила во работната програма? Што ќе те мотивираше да работиш повеќе да беше сега студентка? (примери од други образовни системи?)
3. - Зад себе имаш големо искуство во работата со млади и европски иницијативи. Дали можеш – а ова важи и за професорите – да дадеш некоја идеја за поголема преведувачка активност на младите во земјава?

Според Ивана Димитровска, еден студент треба редовно да чита весници, да биде активен во разни социјални мрежи, но најважно од се` е да ги следи советите на професорите. „Кај секој од нас, вели Димитровска, треба да се створи рефлекс за читање, само така може да се владее со јазикот. Прашањата доаѓаат отпосле, по завршувањето на студиите, кога човек почнува да го применува здобиеното знаење.“ Најголемиот проблем, според неа, е синтаксата во весниците во земјава.

III. Global Voices – конкретен пример (Филип Стојановски, Фондација „Метаморфозис“).

Стојановски зборуваше на следниве прашања:
1. Опис и цел на заедницата.
2. Како дојдовте на идеја тоа да го локализирате во Македонија?
3. Како функционира кај нас? Колку преведувачи придонесуваат кон оваа глобална заедница, кое е темпото на работа?
4. Што треба да исполнува еден преведувач/ новинар за да може да стане дел од Global Voices? Што може да научи (дали има некој што ќе го „подучува“ барем во прво време)?

Стојановски зборуваше за волонтерскиот концепт на Глобал Војсис Онлајн, за неговата уредувачка политика, за можноста секој кој сака да придонесе нешто за заедницата, да го стори тоа и да ја промовира својата земја. Идејата на порталот е да ги пренесе вестите од светот и да и` се спротивстави на глобалната тенденција луѓето да се информираат единствено за својот град, провинција, држава, додаде тој.

Порталот е отворен за секој со отворен дух и желба за работа. Пред да се почне со преведување, се поминува низ обука која се состои од запознавање со содржините на заедницата и нејзината идеја, а потоа се поминува на техничкиот аспект. Како еден од најголемите успеси на Глобал Војсис, Стојановски го издвојува преводот на текстови од Македонија на бенгали, официјалниот јазик на Бангладеш. Тркалезната маса се заврши со апел до професорите за изготвување стручни речници и со размена на контакти помеѓу самите учесници и студентите.

Дел 2 - РАБОТИЛНИЦА со студентите
1. Дали и студентите даваат предлози или можеби носат текстови кои би сакале да се преведат/ обработат?
2. Кои се најголемите проблеми со кои се соочувате?
3. Конкретни идеи и предлози (и за програмата на факултет и за преведувачката/ новинарската сфера општо!)

Според студените, тие се доста слободни при изборот на текстови кои сакаат да бидат обработени. Во консултација со професорите, тие работат на теми кои би биле од нивниот понатамошен интерес.

Проблемите со кои се соочуваат секојдневно се многубројни. Како најважни ги издвоија: недоволно опрема на самиот факултет (опрема за толкување), недоволно литература (мал библиотечен фонд), немање доволно извори за наоѓање говори во оригинал (се мислеше на официјални говори, говори на политичари и друи високи функционери), недоволно странски лектори (проблем кој го лоцираа кај странските дипломатски претставништва). Сите се согласни дека треба да се подобри состојбата во Франкофонијата и дека за да се стори тоа, најпрвин се потребни средства. Би можело да се почне со почести неформални средби помеѓу студентите, професорите и другите франкофони, нo и формални средби, нешто налик на годишни средби на одредена тема во рамки на факултетот на кои би присуствувале поранешни и сегашни студенти. За да заживее дејноста потребни се постојани контакти и следење на нови иницијативи, студентски програми, студентски престои и комуникација со странските факултети.

Настанот се заврши со заемна желба за понатамошна комуницикација и за што поскоро обединување на месечно ниво преку неформални франкофонски вечери на кои ќе се зборува на француски и каде ќе се поканат Французите кои живеат во Скопје.

План на интернет страната | © Conseil Régional de Basse-Normandie - Tous droits réservés
Région Basse-Normandie République de Macédoine Ministère des Affaires étrangères et européennes ALDA