Каен (Долна Нормандија) - 3 мај 2010
Бројните настани што ги понуди Македонија во рамките на Балканска пролет, која од 2 април во 28 мај се одржува во францускиот регион Долна Нормандија, предизвикаа голем интерес. Манифестацијата, која годинава е посветена на македонската култура, започна на 2 април во градот Каен, Долна Нормандија со концертот на кралицата на ромската песна Есма Реџепова и со изложба на фотографии за првите сниматели на Балканот - браќата Манаки подготвена од уметникот Роберт Јанкуловски.
“Настанот е извонредна можност за опсежно афиримирање на македонската култура. Се потрудивме да презентираме интересно конципирана културна програма, спој на традиционалното творештво и урбаната македонска современост. Направивме избор од музика, литература, театар, ликовна уметност, современ танц, филм и занаетчиство”, потенцира Канческа-Милевска.
Освен Реџепова, која поради големиот интерес на публиката, наместо еден одржа два концерта, со позитивни впечатоци се вратија и членовите на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и Женскиот младински хор, а пред француската публика беа претставени и фотографии на нашиот режисер Милчо Манчевски. Во рамките на Балканската пролет во наредниот период концерти ќе одржат Баклава, Љубојна, Проект Жлуст, триото Гавроски, ансамблот Стевче Стојковски, а дел од програмата е и проекција на филмот Како убив светец" на Теона Митевска и изложбата на македонски народни носии на Заводот и музеј Битола...
Министерката Канческа-Милевска утре во Париз, зедно со својот колега, министерот за култура на Франција Фредерик Митеран ќе потпишат прва програма за соработка на двете земји во сите области од културата.