петок 22 јуни 2012

Ваша Европа

8 февруари 2010 - Октобри 2009
Европската куќа

Соработка со Република Македонија

Средба во Гранвил со цел претставување на една земја: Република Македонија

Во пресрет на шестото издание на „Балканска пролет“ (Printemps Balkanique), Европската куќа (Maison de l’Europe), заедно со здружението Балкан-Транзит, организираше средба на 22 април 2009 година (среда) во Гранвил со цел претставување на Република Македонија. Меѓу многуте поканети (локални избраници, претставници на разни здруженија), присутен беше и македонскиот писател Луан Старова, кој во периодот од 1994 до 1999 година ја извршуваше функцијата на прв амбасадор на Република Македонија во Франција.

Гранвил ја осмисли средбата во два дела. Во текот на првиот дел, беше претставен еден од проектите на размена меѓу здруженијата од Долна Нормандија и Македонија, односно проектот изготвен од страна на средните училишта „Жулио д ла Морандиер“ (Гранвил) и „Орце Николов“ (Скопје); проектот претставува резултат на заедничкиот интерес и трудот на професорите и учениците на полето на водите и животната средина со што тие отворија прашања поврзани за одржливиот развој и еколошки свесното граѓанство.

Вториот дел од вечерта беше осмислен како дискусија, која беше организирана во Театар д ла Прескил за потесен круг на луѓе на тема: „Европа напредува...До каде е Република Македонија? Регионални предизвици и европска интеграција“. Откако беа претставени учесниците во проектот за соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија (регион Долна Нормандија, Куќа на Европа), дискусијата отпочна и се одвиваше меѓу Кристоф Шикле, хеленист и претседател на здружението „Балкан-Транзит“, Ан-Мари Отисие, доцент и претседателка на здружението „Култура Европа“ и политичкиот аналитичар Срџан Цвијиќ, кој беше и модератор на дискусијата. Присутните, меѓу кои беше и Паскал Коши, регионален советник и одговорен за соработката, учествуваа во дискусијата и поставуваа прашања или го следеа примерот на господинот Старова и се впуштаа во анализи на позицијата на Македонија во однос на Европа.

Вечерта заврши со драмата „Црвот или од животот на мојот сосед“ (2006 година) од Маринко Слакески, преведена од Мариа Бејановска, во изведба на глумците од Театарот.

Македонски средношколци во посета на Каен и Мондвил

Директорот на коалицијата на младински организации „СЕГА“ Зоран Илиески ги придружуваше тројцата средношколци кои во периодот од 26 до 30 април 2009 година беа во Франција за да се запознаат со одредени аспекти на тамошниот образовен систем. Нивниот престој беше финансиран од Регионалниот Совет и Министерството за надворешни работи.

Во понеделникот наутро, нашите пријатели го посетија средното училиште „Жил Верн“ во Мондвил, каде им беа претставени одделните делови од образовната установа, а особено работилниците за да можат да ги споредат условите за работа во француските и македонските училишта. Попладнето, тие беа во посета на центарот Долна Нормандија-Регионален младински информативен центар (ЦРИЈ) во Каен, кој собира и пренесува информации за сите области кои се од интерес на младите. Инспирирани од ваквата идеја, Македонците сакаат да отворат ист ваков центар кој би функционирал во прилог на нивната нова национална политика за младите.

Следното утро, тие посетија една приватна образовна институција, односно стручното средно училиште „Света Урсула“ во Каен, а за претпладнето беше планирана средба со Мисијата за децентрализирана соработка и човекови права во регионот Долна Нормандија. Оваа средба беше организирана заради децентрализираната соработка помеѓу Долна Нормандија и Република Македонија. Вечерта сите се собраа во „Карго“ за завршната манифестација на „Преамбул Македонија“, културен фестивал во организација на здружението „Балкан-Транзит“, вклучувајќи ги и македонскиот заменик-министер за култура Драган Недељковиќ, поранешниот амбасадор на Македонија во Франција Луан Старова и актуелниот амбасадор Јон Иваноски. Присутните уживаа во концертот на македонскиот ансамбл Тони Китановски и Черкези оркестар.

Средата започна во Лигата за образование на Калвадос со претставување на предизвиците во образованието за претставниците на средношколците од страна на Марк Берже, директор на средно училиште, и Филип Клемен, генерален секретар на Лигата, по што следеше ручек во ресторанот на здружението заедно со двајца претставници на средношколците од Долна Нормандија во Академскиот совет на средношколците (ЦАВЛ). Во попладневните часови беше остварена размена меѓу младите македонски претставници и нивните француски врсници, директорот на средното училиште и членови на Европската куќа; се дискутираше за барањата на македонските и француските средношколци, особено за оценувањето на матурата.

Треба да се напомне дека беше планирано еден од двајцата претставници на ЦАВЛ да дојде во Македонија во август за да учествува на еден семинар за размена на искуства за информираноста на младите за младинските политики.

Работилници за споделување искуства и идеи

Од 11 до 14 јуни 2009 година во Штип, Македонија, се одржа семинар на тема „Размена на искуства за предизвиците поврзани со учеството на младите во донесувањето на одлуките и колективната организација“.

Европската куќа беше претставена од координаторот Луиџи Ромилдо и стажантот Жулиан Ајзенман, кој доаѓа од Германија, понатаму Паскал Вале, општинска претставничка на градот Гранвил и заменик-претседателка на здружението „Дузелаж“ и Натали Убер, координаторка во Лигата за образование и одговорна за прифатниот центар „Ле марин“ во Уистреам. Пред приемот во општинската зграда во Штип и средбата со претседателката на Општинскиот совет и претседателот на Младинскиот совет, француските претставници посетија еден центар за ресурси и еден младински центар. Инаку, Младинскиот совет само што беше формиран утрото на седницата на Општинскиот совет.

За време на семинарот, македонските и француските учесници објаснија како функционираат здруженијата и како се остваруваат проектите во кои се вклучени и младите.

Во договор со регионот, на 23 јуни (вторник) минатата година, Европската куќа организираше посета на Музејот на применетите уметности со цел да им овозможи на претставниците на заинтересираните здруженија од Долна Нормандија да остварат средба со делегацијата на македонски градоначалници на тема „Да се вреднува младиот човек во градот. Поддршка на граѓанството и иницијативите“ (Кои чекори се преземени за да се поттикне учеството на младите во локалниот јавен живот? Дали помагањето на младинските проекти, особено во доменот на националната и европската мобилност и општествената и професионална ангажираност, се вбројува меѓу приоритетите? Кои се воочените проблеми, колкав е успехот?).

Семинарот на тема „Информираноста на младите за локалната политика, пристапот до информации и улогата на образованието“, кој беше организиран во Охрид од 20 до 23 август, следуваше по посетата на македонските градоначалници на Долна Нормандија и по семинарот, одржан во Штип (Источна Македонија) во месец јуни.

Меѓу претставниците (претставници на младите, аниматори, млади луѓе вклучени во локалните случувања), петнаесетмина беа од Македонија, а четворица од Долна Нормандија: Серж Рошфор, регионален дописник за европската програма „Млади во акција“ (Youth in Action) од Регионалната дирекција за млади и спорт; Филип Клемен, генерален секретар на Лигата за образование; Мишел Ескрињак, претставник на Академскиот совет на средношколците и Луиџи Ромилдо, координатор на активностите на Европската куќа од Каен.

Во однос на почетните цели и приоритетите за младината во двата региони, овие средби придонесоа за полесно изготвување предлози со сродните структури и одржување на соработката со постојните партнери.

2010: Уште една нова година за соработка!

Веќе две години Европската куќа е одговорна за оската „Млади, образование и европско и локално граѓанство“ во проектот за децентрализирана соработка помеѓу регионот Долна Нормандија и Република Македонија. На 17 и 18 септември 2009 година, таа учествуваше на третиот билатерален управен одбор за соработката помеѓу долнонормандискиот и македонскиот регион. Ваквиот настан беше одлична прилика за да се направи пресек на дотогашните остварувања и да се претстават идеите за соработка во претстојната трета година.

Во текот на третата година, имаме за цел да работиме на можностите за размена и да ги спроведеме идеите на дело. Би се опфатиле теми како што е активното европско граѓанство и образованието за животната средина и одржливиот развој, би се применил системот на Европската волонтерска служба (EVS), што е особено важно за младите луѓе, а притоа би се зајакнале врските меѓу градоначалниците од Македонија и Долна Нормандија и нашите партнери за образование и обука.

Во соработка со нашиот парнер „СЕГА“, односно и со овдешното и со тамошното претставништво, ќе се стремиме кон поголема вклученост на младите во граѓанството, политиката, младинските организации и интеркултурните проекти (фестивал на францускиот филм во Охрид). Во однос на создавањето на структури од типот на младински информативен центар, ние, како и другите специјализирани структури, имаме обврска да ги советуваме и да им укажеме на нашите македонски пријатели на потребата од посеопфатен пристап, а не само од информации, како и од простор за младите во важни институции за да можат да станат ангажирани, односно вистински чинители.

Размислуваме да пристапиме кон размена на добри практики во доменот на обучувањето, стажирањето во Локалната мисија и најпосле, поддржувањето на политиката на обучување на младите кои се најпогодени од невработеноста.

План на интернет страната | © Conseil Régional de Basse-Normandie - Tous droits réservés
Région Basse-Normandie République de Macédoine Ministère des Affaires étrangères et européennes ALDA