5 септември 2008 -
Тетовската гимназија крунисувајќи ја неколкугодишната соработка со средните франкофони училишта, се збратими со гимназијата на градот Лизију од Франција. На одржаната средба минатиот четврток во тетовската гимназија беше речено дека збратимувањето на овие две гимназии е потврдено официјално и од страна на француското министерство за образование.
Publié dans l’hebdomadaire Monitor du xxx 2008.
«Воспоставуваме односи на соработка помеѓу двете гимназии. Целта на овој проект е да имаме соработка на разни теми од интерес за двете гимназии. Првата тема е Европската цивилизација, а следната е поврзана со Фаик Коница којшто учел во гимназијата во Лизију», изјави за Монитор претставникот на Француската амбасада во Скопје, Арндауд Коту.
Фаик Коница се смета како една од најпознатите личности на албанската култура и литература. Професорите на двојазичните паралелки рекоа дека во рамките на оваа соработка, освен другото, тетовските ученици од двојазичните паралелки ќе можат да ја посетат Франција, односно да го следат одблизу образовниот процес во тамошните гимназии.
Збратимувањето на тетовската гимназија со една француска гимназија е резултат на двојазичните паралелки што функционираат во тетовската гимназија, коишто се отворени за првпат во текот на учебната 1999/2000 год. По една деценија неуморна работа во овие паралелки, пред некое време двајца професори од оваа гимназија, Нијази Етеми и Раметула Муниши беа одликувани од претседателот на Франција, Никола Саркози, со наградата «Коњаник од редот на академските палми» што им се доделува на личности кои дале свој придонес во областа на образованието.
На средбите организирани по повод збратимувањето на овие гимназии учествуваа професорот по историја на гимназијата во Лизију, Фредерик Бајол, претставникот од Француската амбасада во Скопје, Арндаудо Коту, шефот на Француската алијанса во Тетово, Паул Шамбри, директорот на тетовската гимназија, Зулџеват Абдиу и професорите од двојазичните паралелки на гимназијата, лекторката Емили Шамбри, Нијази Етеми, Раметула Муниши и Мајлинда Синан.