17 февруари 2011 - 16-26 Февруари 2011 – Македонија
Десет-дневна посета на француска делегација од АФДИ во Македонија
„Оска 6 - Земјоделство“ од Проектот за соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија
Во рамките на оската за развивање на земјоделството, ФФРМ (Федерација на Фармери на Република Македонија) и АФДИ (Француски земјоделци за меѓународен развој) организираат работна посета на француската делегација во Македонија. Планираните активности за овој период, како дел од проектот кој го спроведува ФФРМ со АФДИ, предвидуваат бројни посети кај македонските фармери, со цел спроведување на идни обуки и соработки. Претставниците на земјоделците од Долна Нормандија, г-динот Ришар Деминик (Richard Demuynick) и г-динот Жан Луи Лоар (Jean Louis Loir) ќе престојуваат на повеќе локации во Македонија во периодот од 16ти до 26ти февруари и ќе посетат голем број на земјоделци и кооперативи. Целта на оваа студиска посета е да се одредат пилот групите на фармери кои ќе соработуваат во наредниот период. Во текот на десет-дневниот престој планирани се средби со градоначалникот на Берово и производителите на сирење и одгледувачите на овци. Тоа е воедно и првата фокус група на фармери. Следна е кооперативата на јаболко производители и состанок со градоначалникот од Ресен. Во Западна Македонија, Тетово и Гостивар, предвидени се средби со производителите на млеко, но и со група на производители на житарици во полошкиот регион. Особено важна е посетата во Прилеп, на 24ти февруари, каде претставниците на AФДИ ќе одржат предавање на тема „Услови на глобалниот пазар за житарици (цена, снабдување и побарувачка)”. На предавањето ќе присуствуваат 50-ина фармери од овој регион, производители на житарици кои имаат преработувачки капацитети од мелничката индустрија. Фeдерацијата ќе ги заокружи овие работни денови во Скопје, на 25ти февруари, со одржувањето на Балканската конференција на „Асоцијации на кооперативи”. На конференцијата, освен претставниците на АФДИ, ќе присуствуваат и голем број на претставници од сите балкански земји. На конференцијата ќе се разговара за можностите за корпоративно здружување како основа за зголемување на профитабилноста на фармите.