петок 22 јуни 2012

Каква иднина имаат локалните медиуми во Македонија?

8 јуни 2008 - Le Courrier des Balkans / Le Courrier de la Macédoine
Тркалезна маса во Тетово

Локалните медиуми во Македонија доживуваат тешко време. Додека локалните радио-станици и локалните телевизии се многубројни, локалните весници практично исчезнаа. И сите трпат од националните медиуми, индиректно поддржувани од државата. Синтеза од тркалезната маса « Локалните медиуми во Македонија наспроти нивните предизвици », организирана на 4 јуни 2008 во Скопје од страна на Courrier de la Macédoine/Гласникот.

Од Тома Клос

Подобро е да се биде национален медиум поддржуван од државата отколку локален медиум оставен сам на себе. Секторот е тешко одржлив: меѓу разноликоста на понудата и концентрирањето на државата врз националните медиуми за објавување на своите кампањи, атмосферата е речиси неиздржлива за локалните медиуми. А сепак, во земјата децентрализацијата е во полн ек. Кој ќе ја обезбеди потребата за информации која ја бара локалната демократија?

Еве ги, во суштина, грижите кои ги споделуваат локалните медиуми во земјата, какви што ги прикажа еден панел-новинари за Гласникот- Курие де ла Маседоан. Размената се направи во текот на една тркалезна маса Локалните медиуми во Македонија наспроти нивните предизвици, организирана од Универзитетот од Југоисточна Европа – Тетово на 4 јуни. Беа поканети Меваип Абдиу и Небојша Карапејовски, респективно сопственици на ТВ Коха и ТВ Менада, Арбен Фетаи и Менде Младеновски, респ. уредници на неделниците Монитор и Битолски Весник, но исто така и Лилјана Силјановска, професор во Универзитетот на Југоисточна Европа и специјалист за локални медиуми. За анимирањето на дискусијата, се погрижи Љубица Гроздановска, новинарка и редовна соработничка на Гласникот ЦдМк.

Најголемата грижа на локалните медиуми во Македонија претставува идентификувањето на модел кој ќе се усвои. « Во Социјалистичка Република Македонија локалните медиуми беа создадени како јавна служба, целосно финансирана од државата », потсетува Меваип Абдиу. « Денес, либерализацијата на секторот на телевизиските канали и на радио-станиците создаде ситуација на аудиовизуелна пренаселеност, неиздржлива во однос на конкуренцијата ».

Најжестоката конкуренција не е таа која локалните медиуми ја вршат едни врз други, туку таа конкуренција која ја трпат од националните медиуми при прибирањето на реклами приватни... и државни. -« Македонската држава е најдобриот партнер на националните медиуми », потврдува Менде Младеновски. « Владата го откупува нивниот рекламен простор, за своите промотивни кампањи и информирање. Тоа се големи суми. За тоа време, таа ги запушта локалните медиуми. Колку повеќе се децентрализира државата, толку повеќе се централизира медиумскиот сектор ».

Друга можност: странски субвенции. Неделникот Монитор, кој ја покрива областа околу Тетово и Гостивар на македонски и на албански јазик можеше да се развие исклучиво благодарение на странски финансии привлечени поради оригиналноста на неговата формула.

За Лилјана Силјановска, времето на јавните субвенции помина. Локалните медиуми можат да сметаат само на себе и да ја обезбедат својата одржливост со оптимално управување и да обезбедат квалитетни информации. Додека секој потврдува дека се бори за обезбедување квалитет, Небојша Карапејовски вели дека е тешко да се достигне одредено ниво на « локалните телевизии со персонал со потпросечна плата, кој работи речиси доброволно ».

Небојша Карапејовски смета сепак на технички развој на телевизиските канали со, меѓу другото, премин кон дигитализација. Според него, овие трансформации ќе овозможат да се изврши избор со кој ќе се намали бројот на најраспространетите канали и да ја ублажи конкуренцијата. « Под услов македонската јавност да има финансиски средства да ги следи », вели Меваип Абдиу.

Што се однесува до пишаниот печат, иднината изгледа потемна. Секторот го доживеа обратниот феномен на тој на телевизиските канали и радио-станиците: локалните весници практично исчезнаа од земјава. Иднината на Битолски Весник е далеку од сигурна. Арбен Фетаи одбива да биде песимист што се однесува до иднината на Монитор. Сепак тој жали дека Македонија дојде до речиси целосно исчезнување на локалниот печат: « еден весник, не може да се споредува со информацијата од радио или телевизија... Тој е незаменлив ».

Оваа тркалезна маса беше поддржана од Регионалниот совет на Долна Нормандија, од Министерството за надворешни работи на Франција и Прајсуатерхаускуперс (PricewaterhouseCoopers).

План на интернет страната | © Conseil Régional de Basse-Normandie - Tous droits réservés
Région Basse-Normandie République de Macédoine Ministère des Affaires étrangères et européennes ALDA