петок 22 јуни 2012
Accueil > македонски јазик > Практичен водич > Агенда > Изложба на фотографии на Тристан Жан-Валес: DANSE L’ÉTREINTE [ТАНЦ ПРЕГРАТКА]

Изложба на фотографии на Тристан Жан-Валес: DANSE L’ÉTREINTE [ТАНЦ ПРЕГРАТКА]

>>  OД 20 април 2009 Дo 6 мај 2009 - Скопје (Македонија)
Проект за Децентрализирана соработка помеѓу Македонија и Долна Нормандија

ЛОКОМОТИВА - Центар за нови инцијативи во уметноста и културата

Ве поканува на

Изложба на фотографии на Тристан Жан-Валес

DANSE L’ÉTREINTE [ТАНЦ ПРЕГРАТКА]

Отворање: 24 април [петок], 20:00 часот, Музеј на Град Скопје

Во рамките на тригодишниот проект за Децентрализирана соработка помеѓу Македонија и Долна Нормандија, францускиот уметник Тристан Жан-Валес престојува во Македонија од 20ти април до 1ви мај 2009, и реализира програма на активности.

Од 24 април до 6 мај 2009 година македонската публика во Музејот на град Скопје ќе може да ја посети изложбата на фотографии DANSE L’Etreinte [ТАНЦ ПРЕГРАТКА].

На 23 април во Македонскиот центар за фотографија во 20:00 часот, Тристан Жан-Валес ќе одржи предавање за продукција на фотографии на тема Танц.

Исто така, за време на својот престој во Македонија, Жан-Валес во соработка со македонскиот визуелен уметник и музичар Дејан Спасовиќ ќе посети и фотографира македонски изведувачи на традиционална музика и производители на традиционални музички инструменти. Ова истражување е дел од долгорочен истражувачки проект на Тристан Жан-Валес кој го започна во 2002 година и досега го има реализирано во Шкотска, Бретања во Франција, Ирска, Португалија, Андалузија во Шпанија, Боливија, Србија и Бугарија.

* * *

Изложбата DANSE L’Etreinte [ТАНЦ ПРЕГРАТКА] содржи 53 фотографии (црно-бели и колор), изработени преку истражувања во периодот помеѓу 1980 и 2007 година. Истражувањата опфаќаат голем дел од опусот на кореографи кои со својата работа внесоа нов дух во пејзажот на модерниот и современиот танц, како Жан-Клод Галота (Jean-Claude Gallotta), Режин Шопино (Régine Chopinot), Доминик Багуе (Dominique Bagouet), Пина Бауш (Pina Bausch), Триша Браун (Trisha Brown), Јозеф Наѓ (Josef Nadj), Катрин Дивер (Catherine Divèrres), Матилд Моние (Mathilde Monnier) и многу други.

Тристан Жан-Валес континуирано ја следи работата на кореографите, и, покрај професионален, со дел од нив успева да воспостави и пријателски однос кој му овозможува остварување на непосредна соработка и директен пристап во процесот на создавање на нивните дела, од пробите па сè до моментот на изведбата. Тој создава материјални спомени од минливите моменти на танцовото дело.

* * *

Изложбата DANSE L’Etreinte [ТАНЦ ПРЕГРАТКА] и гостувањето на авторот Тристан Жан-Валес во Македонија се реализираат во рамките на Културна политика и културна размена, проектен дел од тригодишниот проект за децентрализирана соработка помеѓу Македонија и Долна Нормандија – од октомври 2007 до октомври 2010.

Локомотива - Центар за нови инцијативи во уметноста и културата од Скопје и Регионалната агенција за зачувување на слика и звук од Каен, Долна Нормандија, се носители на проектниот дел Културна политика и културна размена.

Активностите во овој дел од проектот се посветени на културната политика, со фокус на децентрализација во културата, поттикнување и креирање на услови за партнерска соработка меѓу националните, локалните културни институции и невладиниот сектор, како и културна и уметничка размена меѓу Македонија и Долна Нормандија.

Проектот е поддржан од страна на регионот Долна Нормандија, француското Министерство за надворешни работи и Асоцијацијата на агенции за локална демократија. Реализацијата на изложбата е со логистичка поддршка од Францускиот културен центар во Македонија.

Повеќе за проектот, за авторот Тристан Жан-Валес и изложбата DANSE L’Etreinte [ТАНЦ ПРЕГРАТКА] на нашата веб страна ->www.lokomotiva.org.mk.

План на интернет страната | © Conseil Régional de Basse-Normandie - Tous droits réservés
Région Basse-Normandie République de Macédoine Ministère des Affaires étrangères et européennes ALDA