петок 22 јуни 2012

И Долна Нормандија ни помага при реставрација

15 август 2010 - Makedonija
Utrinski Vesnik

Срѓан Амет од ЦИРа најавува обнова на стари традиционални објекти во Новаци, Маврово - Ростуше и во Берово

Катерина Богоева

Неделава во селото Старавина, во општината Новаци, се одржуваше практична обука за студенти од Архитектонскиот факултет од Скопје и за граѓани од оваа и од општините Маврово-Ростуше и Берово, сопственици на стари традиционални куќи. Ним, Тефик Тефиковски, експерт за реконструкција и градба на стари традиционални објекти со употреба на природни и еколошки материјали, им ги пренесуваше своите искуства, за и тие да ги стекнат потребните знаења и вештини при работа на такви објекти. Обуката која е реализирана под наслов „Реставрација на стари традиционални објекти со употреба на природни материјали“ е дел Проектот за децентрализирана соработка помеѓу Македонија и Регионалниот совет на Долна Нормандија (Basse -Normandie Region Council) од Франција, имплементиран од Центарот за институционален развој – ЦИРа од Скопје.

Денеска пак во просториите на општината Новаци, од 11 до 12.30 часот ќе бидат презентирани плановите за реставрација на старите традиционални објекти во Новаци и во општините Маврово-Ростуше и Берово.

„Овој проект за соработка силно ја промовира франкофонијата во секој домен. Негова друга трансферзална оска е локалната власт: секоја активност цели кон засилување на капацитетите на локалните заедници од Долна Нормандија и Македонија, како и кон пренесување на добри искуства и вредности донесени од регионот на Долна Нормандија. Исто така, станува збор и за тоа дека двете територии си одговараат во поглед на обука и развивање на надлежностите на партнерите, кои поминуваат преку прогресивно учење на поддржувачите и иницијаторите на проектот за соработка и негови долготрајни цели“ - вели координаторот на обуката, Срѓан Амет од ЦИРа, посочувајќи дека Центарот е вклучен во реализацијата на компонентата 5, на проектот: „Одржлив туризам и наследство“ од 2008 година.

На почетокот, Центарот извршил проценка на капацитетите за развој на алтернативен туризам во 35 општини. Проценката е направена преку прашалник, на кој одговориле раководни лица во органите за локален економски развој, а исто така била направена и проценка на самиот терен.

„Анализата на проценката ја направија француски и македонски експерти за локален економски развој и развој на туризмот. Од проценката, општините Берово, Новаци и Маврово-Ростуше беа издвоени како општини со поголем потенцијал за развој на алтернативниот туризам, со богато културно наследство, стара традиционална архитектура, природни реткости, убавини и пејзажи. Се таргетираа неколку стари традиционални објекти, сочувани во добра состојба, кои претставуваат голем потенцијал и одлична можност. Со мали реставраторски зафати, можат да се стават во употреба како сместувачки капацитети. Во периодот до 2012 година, ЦИРа ќе вложи напори, таргетираните објекти во овие три општини да се реставрираат и стават во употреба на локалната власт“, посочи Амет, кој укажа дека и останатите активности во проектот се реализираат во соработка со француски и македонски експерти.

„Во рамките на нашите активности – обуки за пренос на знаења и вештини, за реконструкција на стара традиционална градба, ангажирани се француски експерти за градба и употреба на дрво-камен и експерти за изградба на еколошки куќи. Исто така, во овие активности се ангажирани и македонски експерти. Од нашите експерти, вклучени се професори од Архитектонскиот факултет од Скопје, професорот Гоце Аџи-Митрев и како експертот за реконструкција и градба на стари традиционални објекти, со употреба на природни материјали, Тефик Тефикоски“.

Тефик Тефикоски се занимавал со градежништво уште од детска возраст во своето родно село Јанче, општина Маврово-Ростуше. Своето знаење го усовршил и се здобил со експертиза во Италија. Поголемиот дел од работниот век го поминал во Европа, каде работел на градба и реставрација на стари објекти со употреба на природни материјали: земја, камен и дрво. Како пример на неговата успешна работа, Срѓан Амет го посочува хотелот „Туто“, изграден од природни материјали, во Јанче.

„Покрај хотелот, Тефик има реставрирано повеќе од 10 куќи во своето село, кои се употребуваат како сместувачки капацитети. Во рамките на неговите обуки, учесниците се стекнуваат со знаење и вештини за избор и анализа на земја, употреба на каменот и негова обработка, обработка на дрвото и негова употреба во градењето. Покрај тоа, учесниците се стекнуваат со вештини за реконструкција и градба на ѕидни површини, кровови, итн., со исклучителна употреба на природни материјали. Во рамките на својата методологија за работа, Тефик максимално го употребува локалитетот за работа, односно елементите што ги наоѓа на местото во процесот на градење“.

Проектот за децентрализирана соработка меѓу Македонија и Регионалниот совет на Долна Нормандија (Basse -Normandie Region Council) од Франција, е кофинансиран од Регионот Долна Нормандија и Министерството за надворешни и европски работи на Франција, во рамките на тригодишниот договор за децентрализирана соработка на локалните заедници.

План на интернет страната | © Conseil Régional de Basse-Normandie - Tous droits réservés
Région Basse-Normandie République de Macédoine Ministère des Affaires étrangères et européennes ALDA