Во периодот од 10 до 13 мај, делегација на Ливаро го посети Берово. Целите на посетата беа да се запознае средината и да се постават основите за една цврста и конкретна соработка. Впечатоците од посетата на делегацијата ги запиша еден новинар на „Курие де Балкан“.
од Аксел Леклерк
Важно е да се воспоставуваат односи. Но не какви било, и не како било. Ова добро го знаат и Ливаро и Берово. Одлучни да се зближат во рамките на програмата за децентрализирана соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија, овие два града сакаат да го осмислат заедничкиот проект. Оттука, кога претставниците на двете страни првпат се сретнаа на балканско тло, не сонуваа за патување на Месечината. За овие две територии, посетата од 10 до 13 мај во Берово имаше само една цел, скромна, но неопходна: меѓусебно запознавање, што е и задолжително пред планирање на какви било понатамошни средби.
Изборот на градови кои развиваат соработка, не е воопшто случаен. Во тоа се увери и нормандиската делегација веднаш по пристигнувањето: и Берово (6.700 жители на оддалеченост од 10 км од бугарската граница) е рурална општина, позната по производството на сирење.
Драги Наџински, градоначалникот на Берово, со задоволство повтори дека неговиот град „е за Македонија она што Ливаро е за Франција“. И гордо ги претстави трите познати производители на сирење пред гостите од Нормандија. Следеше дегустација. На менито беа кравјо, овчо и козјо сирење. Запрашан од Даниела, една од петнаесетте вработени кај најважниот производител на сирење во Берово, Франсоа Жила, претседател на туристичкото биро во Ливаро, и` даде само еден совет: „Трудете се да зачувате што е можно потрадиционален начин на производство. Автентичното и биолошко производство на сирењата се вашата карта за во Европа.“ Со дневно производство од два тона, фабриката се` уште нема капацитети за пласман на европскиот пазар (засега, извезува само во Хрватска), но којзнае, можеби и ќе се пробие еден ден благодарение на нормандиското искуство.
Ова е првата идеја што се отвори со соработката. Но една друга, можеби и полесна за остварување, го задржа вниманието на делегацијата која беше воодушевена од туристичкиот потенцијал, досега неискористен од регионот. Шумите, планините, манастирите, живописната архитектура, занаетчиството, музеите... ништо не остана незабележано од градоначалникот на Ливаро Себастијан Леклер. Не го одминаа ни неудобното хотелско сместување, неоградените патеки за пешачење, објаснувањата дадени само на кирилица во главниот градски музеј и ѓубрето попат. И сето ова тој им го предочи на претставниците на општинскиот совет и на економската и социјална фела во Берово, кои се сретнаа во оваа прилика. Вистината не е секогаш најпријатна, но му се бендиса на Драги Наџински. Градоначалникот на Берово е на истата бранова должина како и неговиот француски колега и и` мисли само добро на својата општина. Тој тежнее само кон едно нешто – да го достигне европскиот стандард, особено зашто и неговата земја се стреми кон влез во Европската унија.
По тридневната посета богата со откритија, двете страни планираат понатаму да делуваат за да се искористи туристичкиот потенцијал на Берово. Франсоа Жила е оптимист: „Ни требаа десет години за да Ливаро стане она што е денес. Ако Берово се учи од нашето искуство, ништо чудно првите резултати да ги добиеме многу побрзо.“ Засега, потребно е трпение. Предвидени се и други средби кои ќе овозможат подобро меѓусебно запознавање на двете територии и конкретизирање на најважните активности.
Сега е ред на македонската делегација да го посети Ливаро и тоа, за време на саемот на сирења на 31 јули и 1 авгсут. Метју Веск, одговорен за саемот, планира да ги претстави беровските производители и занетчии како најголема атракција на овогодинешното издание на саемот. А од крајот на август, на Балканот повторно ќе дојдат претставници на Нормандија по повод „Етно-фестивалот“. Но главната причина, несомнено, ќе биде продлабочувањето на познанството и соработката која и двете страни се надеваат дека ќе биде плодна.