По повод отпочнувањето на втората етапа од соработката, тројца од вклучените актери даваат свое лично видување за сработеното и за она што допрва ќе се остварува. Соработката само што го прослави третиот роденден. Некој би рекол, само трет? Но на оние кои влегоа во оваа авантура, особено од македонската страна, изминатите километри им донесоа богато искуство. И оние кои се дел од проектов од неодамна и оние кои се вклучени од самиот почеток гледаат на соработката со радост. Гордо стојат зад сработеното и гледаат нанапред.
„Искрено, изненаден сум од ефикасноста на соработкава.“ Жан-Ив Лавоар, Советник за соработка и културни активности при Амбасадата на Франција во Скопје и директор на културниот центар „Жан Моне“ во Скопје, смета дека досега оствареното во текот на трите години е несомнено голем успех. Ваквиот став е уште поверодостоен заради објективноста на човекот кој стои зад него. Жан-Ив Лавоа всушност е последниот кој се вклучи во проектот за соработка помеѓу Македонија и Долна Нормандија. „На сегашното работно место дојдов дури во почетокот на септември“, веднаш истакнува за да не избрзаме и нему му ја препишеме заслугата за досегашниот успех на проектот.
Иако нов во проектов, овој човек постепено доби јасна идеја за насоката во која сака да напредува соработката. „Имав прилика да присуствувам на неодамнешниот состанок на управниот одбор во Каен, што ми овозможи брзо да проникнам во основите и издржаноста на проектов“. Имајќи го предвид искуството со други слични програми, Жан-Ив Лавоа појаснува: „Ваквата размена на искуства помеѓу Македонија и Долна Нормандија несомнено ја раздвижува земјава. Вклучени се бројни македонски структури и тоа, стопански, политички, културни. Изненаден сум од степенот на нивната вклученост.“ Еве еден аспект кој го радува претставникот на Министерството за надворешни работи и европски прашања. „Секоја амбасада има за цел да ги поддржува иницијативите со кои би можело да се зближат две земји и тоа, на секое поле. Во голема мера кон ова придонесува и постојната соработка.“ Советникот при Амбасадата ќе се погрижи соработката да продолжи и ќе биде подготвен, доколку е потребно, да ја даде својата „клучна поддршка“ во иднина. А на иднината и` се радува. „Во текот на изминативе три години, се поставија темелите на соработката што ќе ни овозможи да ги добиеме првите конкретни резултати во текот на втората етапа која сега почнува. На пример, Македонија настојува подобро да ги организира своите претставништва за регионална соработка. Долна Нормандија би требало да и` помогне.“
Од друга страна, Жан-Ив Лавоаp верува дека ваквата соработка е плодна и за Долна Нормандија. Според него, и Долна Нормандија би можела да има полза и тоа мора да се истакне. „Македонија нуди можности за инвестирање во земјоделието, туризмот, културното наследство. Благодарение на врските кои се ткаат помеѓу двете страни, македонскиот пазар би можел да се отвори за економските или културните чинители од Долна Нормандија.“ И Ивана Димитровска смета дека соработката е важна за сите. Вработена како генерална координаторка на проектот при АЛДА, оваа Македонка верува во реципроцитетот на активностите и во силата на споделувањето. Оптимизмот кај неа постои веќе некое време. „Почнав да размислувам за соработката многу долго пред таа воопшто да отпочне. На времето, работев во „Курие де Балкан“ (Courrier des Balkans) и го помагав изготвувањето на студијата за изводливоста на соработкава. Тогаш не ни сонував дека ќе дотуркаме олку далеку!“. Ивана сигурно не знаеше дека и по три години се` уште ќе биде дел од проектов. „По „Курие де Балкан“ работев во Регионалниот совет на Долна Нормандија во Каен, а потоа се вратив во Скопје како генерална координаторка на проектов.“ Оттука, ако некој може да зборува објективно и темелно за претходните три години, тогаш тоа е Ивана.
„Двете територии се запознаа и секоја ја спозна реалноста на другата. Тоа воопшто не е лесно зашто ваквиот пристап е нов за сите учесници во проектот и зашто постојат вистинки разлики меѓу нас, особено културолошки. Така на пример, за разлика од Французите, Македонците сакаат да договараат безмалку се` во последен момент. Ова можеби изгледа банално, но токму тие разлики можат да доведат до неверојатни недоразбирања.“
Важноста од една ваква соработка мораше да им се предочи и на партнерите. „Почнувајќи од деведесеттите години, па се` до денес, Македонија има искористено голем дел од интернационалните фондови. Долна Нормандија, пак, не доделува такви средства. Во Македонија, таа нема за цел да изгради патишта, туку нови политики на локално дејствување и тоа, заедно со нас. Отпрвин, ова не беше најјасно.“ За среќа, ова недоразбирање многу брзо беше заменето со вистинско воодушевување. „На почетокот беа само 10 партнери, денес проектот брои 70, и македонски и француски“, задоволно додава Ивана.
Преку ваквите заеднички размислувања, постепено ги согледуваме првите конкретни остварувања. „На пример, група од млади луѓе од Долна Нормандија, придружена од француски и македонски експерти, дојде во македонскиот град Новаци. За време на десетдневниот престој, го попишаа локалното културно наследство. Во муабет со мештаните, ја открија куќата на јунакот од една од најпознатите книги во македонската литература. За тоа пишуваа сите весници и така Новаци доби одличен публицитет. Македонците треба повторно да му се навратат и да го заживеат своето наследство, а Долна Нормандија може многу да ни помогне...“
Ивана се надева дека следните три години ќе донесат уште повеќе вакви примери пред да се осмисли понатаму проширувањето на областите каде делуваат партнерите. Суштинскиот елемент врз кој почива соработката е комуникацијата. Од 2008 година за тоа е задолжена Елена Костовска од Македонија. Како одговорна за оската „Медиуми“ од македонската страна, главната уредничка на „Гласникот“ (Courrier de la Macédoine) настојува да ја унапреди соработката „поврзувајќи ги новинарите од двете земји“ и поттикнувајќи ги младите врсници франкофони да учествуваат во тоа. Токму со таа цел, на 29 септември оваа година „Гласникот“ организираше еднодневна дебата која ги обедини партнерите на соработката и франкофонските студенти и нивните професори.
Собрани во Клубот на новинари во Скопје, тие имаа прилика да разменат мислења околу одредени проблематики и да го разгледаат прашањето за важноста на јазикот во меѓународните односи. Оваа средба вроди со многу идеи. „Едни предложија да се организираат официјални средби, но и понеформални“, вели Елена Костовска. Првите би се одржувале на факултет на годишно ниво и притоа би се отвориле одредени прашања од областа на преводот и толкувањето, а вторите, понеформалните, би имале за цел да ги поврзат сите франкофони во Македонија, особено со Французите кои работат и живеат во Скопје.
И Елена, како и секој од македонските партнери, го истакнува значењето на веќе постојните врски, како и важноста од воспоставување нови. Затоа што едно е јасно: колку подобро се познаваат териториите и граѓаните меѓусебно, толку повеќе проекти би можеле да се остварат. Ете така напредува соработката.