Со концерт на Есма Реџепова започна шестата „Балканска пролет“ во која до 28 мај ќе биде презентирана македонската култура
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Нанси - Шестото издание на манифестацијата „Балканска пролет“, на која годинава ќе биде промовирана македонската култура, започна вчера со концертот на Есма Реџепова, една од најпознатите наши уметници во Франција и воопшто во светот. Публиката од Нормандија ќе има можност уште еднаш на сцената да ја види Есма, вечерва во салата „Ренесанс“ во Модвил, откако во вторникот во нејзино присуство беше прикажан филмот „Џипси Карван“, по кој следуваше дебатата за ромската култура.
Официјалното отворање на манифестацијата е предвидено за 2 април, а ќе трае до 28 мај, како што не’ информира Лоран Поре, уметничкиот и административниот директор на „Балкан транзит“, асоцијацијата што ја организира „Балканска пролет“. Програмирани се околу 100 културни манифестации од речиси сите делови на Нормандија. Во пресрет на „Балканската пролет 2010“ минатата година во Долна Нормандија беше претставен мал дел од македонската култура, како предјадење пред вистинската културна гозба. Настанот тогаш имаше цел да ја запознае и да ја подготви публиката за она што ја очекува во текот нанаредните два месеца. На тој настан присуствуваа писателот Луан Старова, Тони Китановски и „Черкези оркестра“ и хармоникашот Александар Коловски, кои повторно ќе бидат меѓу гостите и оваа година во Кан.
Како земја на првите филмски сниматели на Балканот, Македонија ќе биде претставена преку изложбата на фотографии за браќата Милтон и Јанаки Манаки, во организација на Македонскиот центар за фотографија, а предвидена е и изложба на документарни фотографии на Ѓорче Ставревски направени во Скопје и Охрид меѓу 2005 и 2008 година, фотографиите на Виктор Соколовски на тема „Нова дух на старата душа“, како и изложбите на Роберт Јанкулоски, Станимир Неделковски или онаа на Анастасија Ортензио насловена „Прошетка низ Битола“, монтажата на фотографии на Милчо Манчевски итн. Исто како и изложбата на ликовната учетничка Сузана Пејовска родена во Македонија на брегот од Охридското Езеро и која од тригодишна возраст живее и твори во Франција.
Публиката од Нормандија која во наредните два месеца ќе вибрира во духот на македонската култура ќе има можност да ја види и изложбата на македонски народни носии од околината на Битола, која ќе биде поставена во градот Барентан. Во наредните два месеца се предвидени и многубројни литературни средби на македонски еминентни писатели со нивни колеги од Нормандија и од другите балкански земји, кои веќе биле претставени на претходните изданија на „Балканската пролет“, како и претставување на Струшките вечери на поезијата.
Во делот на претставувањето на музичката култура, предвиден е настап на Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар, предводен од диригентот Сашо Татарчевски, додека македонската традиционална музика ќе биде претставена преку изведбите на групата „Љубојна“, етносоставот „Баклава“ и ансамблот за народни инструменти и песни „Стефче Стојковски“. Предвидени се настапи и на „Проект Жлуст“, „Фолтин“
Без сомневање, културното претставување на Република Македонија во Нормандија претставува многу значаен културен настан, не само поради промоцијата на македонските уметници и автори туку и поради влијанието на оваа манифестација како афирматор на различноста на културите што го сочинуваат големото европско семејство на народите. Ова сигурно е едно од најамасовните претставувања на македонската култура во странство.
Манифестацијата истовремено има и свои разграноци во Македонија, каде што францускиот уметник Тристан Жан Валес, кој минатата година имаше изложба во Музејот на град Скопје, повторно ќе работи во нашата земја. Жан Валес ќе фотографира портрети на различни профили на луѓе од културата во нашата земја, кои подоцна ќе бидат изложени во рамките на „Балканска пролет“. Во Нормандија ќе биде претставен и македонскиот филм и театар.
Реализацијата на реномираната манифестација „Балканска пролет“, чиј организатор е асоцијацијата „Балкан транзит“ од Долна Нормандија и во чии рамки се претставува културата на балканските земји. Не ќе беше можна без децентралкизираната соработка која од пред три години е воспоставена меѓу Република Македонија и регионот Долна Нормандија. Соработката меѓу нашата земја и регионот Долна Нормандија почна во февруари 2007 година, кога беше потпишан протокол за децентрализирана соработка. Тогаш беше направена тригодишна програма за соработка (ноември 2007-ноември 2010 година) со локалната власт како главна цел. Оваа програма се состои од шест дела, односно употреба на информатичко-комуникациски технологии, млади, образование, локално и европско граѓанство, информирано општество и медиуми, културни и уметнички размени, одржлив туризам и наследство и партнерство меѓу локалните заедници. Децентрализираната соработка е резултат на заедничката волја да се учествува во развојот на двете територии, со отворање кон светот и поттикнување на населението да се заложи кон едно локално и европско активно граѓанство преку реципроцитет и размена. Проектот има цел да создаде платформа на одржливи размени и да овозможи да се воспостават трајни врски меѓу населението на овие две европски територии.
„Балканската пролет“ во Долна Нормандија успеа да создаде мост и простор за соработка меѓу културите на овој дел на Франција со земјите од Југоисточна Европа и посебно Балканот. Со досегашните изданија, манифестацијата се претвори во многу значаен сегмент од културниот живот на Долна Нормандија, но и пошироко, токму затоа има и значајна поддршка од многубројни европски партнери. Пред претставувањето на Македонија, на манифестацијата биле претставени културите на Босна и Херцеговина, Албанија, Грција, Бугарија и Романија.
На крајот на април во Париз се очекува да се потпише и програмата за културна соработка меѓу министерствата за култура на Франција и Македонија.