Туристите се изненадени од богатата флора и фауна на земјава и најавуваат посета на нови групи француски граѓани
“Можеби ќе ви звучи чудно но Македонија е поголема отколку што можете да си замислите”. Ова беа зборовите на Ив Фук, обучувач од Центарот за европски истражувања во областа на туризмот, кој почнувајќи од 2006 година работи на проект за да го истражуваат и развиваат планинскиот туризам во Македонија.
Во 2008 и 2009 година францускиот регион Високи Алпи, каде што Фук е член, и општина Тетово со поддршка на француското Министерство за надворешни работи воспоставија програма за соработка со цел развој на културниот и природниот туризам во тетовскиот регион.
Туристите што доаѓаат не се фокусираат само на планинарењето. Тие беа воодушевени од флората и фауната, но за жал успеавме само Западна Македонија да ја прошетаме. Можеби ќе ви звучи чудно но Македонија е поголема одошто можете да замислите- изјави Фук на вчерашната прес-конференција на тема “Франција вложува во трајниот развој на туризмот во Македонија”.
Од 26 мај до 3 јуни Македонија беше посетена од 13 француски туристи кои биле воодушевени од разноликоста на пејзажите и културите кои ги нуди нашата држава. Посетата била во рамките на проектот кој предвидува соработка меѓу општина Тетово и еден француски департмен кој се наоѓа меѓу Торино и Марсеј.
Македонија располага со природен капитал, со флора и фауна која заслужува да биде откриена. Би сакал што повеќе Французи да дојдат да ја посетат вашата убава земја - рече францускиот амбасадор во Македонија Жан-Клод Шлумберже на вчерашната прес-конференција.
Заклучокот од овој прв престој во Македонија на француските туристи во рамките на проектот е дека може да се организираат планински прошетки во државата, посочи Фук.
Тој доаѓа од регион во Франција кој се нарекува Високите Алпи кој бил предмет на емиграција во 20 век и речиси половина од населението се иселило. Тој укажа дека за да се спречи таа појава пристапиле кон развој на планинскиот туризам и успеале во тоа.
Туризмот претставува 80 отсто од регионалниот доход на тој регион кој има 130.000 жители. Приходот кој го генерира туризмот во тој дел изнесува една милијарда евра. Целта била да се развие одржливиот туризам, што според него, не значи дека не треба да се развие масивниот туризам како оној во Охрид, туку форма на туризам која ја респектира животната средина кој не бара големи инвестиции од странство и ќе им донесе бенефит на жителите од селата во планините, рече Фук.
Во рамките на овој проект е издаден и туристички водич “Планински прошетки на Шар Планина” на четири јазици: македонски, албански, француски и англиски. Исто така општина Тетово отворила и интернет-страница на која има интерактивна карта. Сите овие работи се вид на помагала за развојот на туризмот кој на Балканот не е навика.
Овој тип туризам не е во навиките на Балканот, но среднорочно за неколку години ќе биде создавач на нови работни места и приходи. Се работи за туризам на создавање блискост и контакт со жителите во земјата што се посетува, посочи Фук.
Втората група француски туристи се очекува за неколку месеци.
(В.Б.)
Photo :Autoroute Skopje-Tetovo. Popova Shapka. © Julie Quetier