петок 22 јуни 2012

Фондација Метаморфозис

Фондација Метаморфозис
ул. Наум Наумовски – Борче 88-а
1000 Скопје
Македонијa
Тел: +389 2 31 09 325
Факс: +389 2 32 25 206
Е-мејл: info@metamorphosis.org.mk
Веб-страна: www.metamorphosis.org.mk

Улога во соработката Долна Нормандија – Македонија

Метаморфозис од Скопје и Центарот за нови технологии од Каен се одговорни за проектните активности 1.1 Активно граѓанско учество – партнерство за развој и 1.2 Пристап на интернет и слободен софтвер за граѓаните

Историја на здружението

Метаморфозис е основан како центар за е-издаваштво на Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ) во 1999 година, а од ноември 2004 година функционира како независна, непрофитна и непартиска фондација со седиште во Скопје.

Визија

Развој на демократија и просперитет преку промоција на економија базирана на знаење и информатичко општество, преку користење на новите информатичко-комуникациски технологии (ИКТ).

Мисија

Метаморфозис обезбедува ефективно користење на фондовите инвестирани од донатори и клиенти преку единствена комбинација на знаења и капацитети, развивајќи партнерски односи со корисниците и засегнатите страни, спроведувајќи интервенции скроени според потребите.

Цели и задачи на здружението

Долгорочни цели:
- Развој на демократијата и просперитетот, преку промоција на општество базирано на знаење.
- Промоција на употребата на ИКТ како соодветно средство за развој на отвореното општество.
- Зајакнување на капацитетот на институциите на системот на локално и национално ниво во Република Македонија со цел подигнување на степенот на внатрешна интеграција и интегрирање во ЕУ.
- Зголемување на степенот на активно граѓанско учество и јакнење на капацитетот на НВО и граѓаните за остварување на човековите права со користење на новите технологии.
- Промоција на знаење и разбирање меѓу различните заедници со користење на ИКТ преку поттикнување развој на е-содржини за културното, научното и општественото наследство преку негова дигитализација и овозможување пристап до него преку интернет.
- Застапување на слободата на говор, заштита на приватноста, сигурноста, правата на децата и други човекови права на интернет

Активности и / или програми на здружението:

Следи преглед на некои од поважните минати и сегашни проекти на Фондацијата Метаморфозис, релевантни за соработката во рамките на проектот за децентрализирана соработка помеѓу Македонија и регионот Долна Нормандија.

Дигитални клубови
Целта на проектот Дигитални клубови е премостување на дигиталниот јаз преку обезбедување на е-услуги како пристап на интернет, користење компјутери и обуки по бенефицирани цени за граѓаните со различно етничко потекло од заедниците со ниско ниво на економски развој. Дигиталните клубови ги финасираат ФИООМ и Метаморфозис, а ги водат локални здруженија на граѓани и други институции во соработка со нивните општини, при што добиваат логистичка и техничка поддршка од страна на Метаморфозис. Отворени се 12 дигитални клубови на територијата на цела Р.М. при што секој од нив е опремен со 4 до 8 компјутери, скенер, печатач и пристап на интернет.

Национална стратегија за развој на информатичкото општество
Метаморфозис учествуваше во создавањето на Националната стратегија за развој на информатичкото општество преку обезбедување експертиза за Работната група и како имплементирачки партнер на ФИООМ и УНДП, помагајќи во координирањето спроведено од страна на владината Комисија за информатичка технологија (КИТ). Проектот беше завршен во 2005 година кога Стратегијата беше прифатена од Владата, Претседателот и Парламентот, со цел овозможување погодна правна и институционална околина за развој на ИКТ во сите сфери на македонското општество. Повеќе информации на www.kit.gov.mk и на www.epractice.eu/cases/nsisd.

е-Рајдери
е-Рајдерите (http://e-riders.blogspot.com) се мобилни консултанти кои обезбедуваат техничка поддршка и практична помош за НВО од областа на користење на ИКТ. Нивната работа се одвива во самите организации и помагаат преку директни интервенции и обуки од областа на воспоставување и користење локални мрежи, пристап на интернет, развој на веб-сајтови, како и решавање на секојдневни проблеми. Со тоа на НВО им се овозможува развој на капацитетите да ги пренесуваат своите пораки до јавноста, подобар допир со граѓаните особено при покренување јавни дебати за прашања од нивни интерес, градење коалициии и други форми кои овозможуваат здруженијата подобро да им служат на своите заедници.

Спроведување е-Локална Власт во Македонија
Со поддршката на спроведувањето на е-Локална Власт во 34 општини проектот се стреми кон остварување на следните цели: остварување на подобри јавни политики, зголемување на довербата во институциите на системот, зајакнување на демократијата, како и зголемување на квалитетот на општинските услуги наменети за граѓаните. Клучни компоненти на проектот се: модернизација на информатичката опрема, обезбедување на комуникациски технологии и основен софтвер за општините, создавање информациски системи базирани на интернет кои ги покриваат потребите на општините и развој на е-услуги наменети за граѓаните.

Информациска инфраструктура базирана на веб
Преку проектот за создавање Информациска инфраструктура базирана на веб (www.lgforum.org.mk) во текот на 2001 година беа развиени веб-сајтови за 15 општини од Македонија, кои преку софистициран систем за раководење содржини (CMS) беа поврзани во еден заеднички општински веб-форум. Проектот беше спроведен врз основа на соработка помеѓу ФИООМ и УНДП со цел зголемување на нивото на информирање и комуникација помеѓу граѓаните и нивните единици на локална самоуправа.

Криејтив Комонс Македонија
Метаморфозис овозможува функционирање на македонската гранка на светското движење Криејтив комонс (http://creativecommons.org), кое му служи на јавниот интерес овозможувајќи користење на новите, дигитални технологии за ширење на знаења, информации, како и уметничко изразување.

Проектот е спроведен на три нивоа: развој на правна основа за воспоставување на структура на Криејтив комонс во Македонија – вклучително и локализација на сите правни документи, развој на техничка основа и алатки за промоција на делата кои ги користат лиценците (http://cc.org.mk), како и подигање на свеста во рамките на заедниците на автори за можностите кои им ги нуди Криејтив комонс.

Образование и развој на електронско издаваштво Метаморфозис обезбедува обуки за веб-дизајн, развој на веб-решенија и мултимедија за локални здруженија на граѓани и други ентитети. На курсевите за вовед во веб-дизајн имаат учествувано над 200 активисти, додека десетици локални НВО и алтернативни медиуми имаат воспоставено присуство на интернет преку програмата за електронско издаваштво на ФИООМ, која беше координирана и спроведувана од експертите на Метаморфозис.

Метаморфозис продолжува да се залага за развој на е-содржини на локалните јазици во Македонија како една од приоритетните потреби за овозможување пошироко користење на новите технологии, како за учениците за кои се неопходни образовни содржини како дел од образовниот процес, така и за постарите генерации кои во голема мерка не го владеат англискиот јазик.

Локализација и слободен софтвер
Метаморфозис го помага делот од граѓанското општество насочено кон употребата на ИКТ како средство за развој преку обезбедување грантови, награди и други видови помош за нивните активности. При тоа фондацијата помага при адаптирањето, локализацијата и дистрибуцијата на софтвер, особено слободен софтвер (Free and Open Source Software) преку градење платформи за комуникација и партнерства помеѓу креаторите на софтверски решенија, авторите на содржини и македонската академска заедница, особено помеѓу лингвистите и информатичарите.

Најважни достигнувања направени во рамките на ваквите активности се локализацијата на канцеларискиот пакет Опен офис на македонски јазик и негова дистрибуција на ЦД и преку интернет (http://mk.openOffice.org) – во соработка со НВО Слободен софтвер Македонија, како и развојот на софтвер за креирање речници Терминологија.орг.мк (http://terminologija.org.mk) со цел развивање на унифициран и сеопфатен речник на информатички термини на македонскиот јазик, кој како потреба беше посочен и во Националната стратегија за развој на информатичко општество.

Приватност и безбедност
Метаморфозис работи на заштита на приватноста и безбедноста на интернет за сите граѓани. Тековните активности се насочени кон заштита на децата преку креирање мрежа на граѓански организации кои работат на ширење и заштита на детските права на интернет и едукација на родителите и наставниците.

Почнувајќи со 2005 година, анализата на Метаморфозис за приватноста во Македонија беше вклучен во годишниот извештај Приватноста и човековите права.; Меѓународно истражување на законите за приватност објавено од ЕПИК (www.epic.org) и Прајваси интернешнал (www.privacyinternational.org).

Во рамките на иницијативата за приватност на интернет, Метаморфозис работи на подигање на јавната свест за овие прашања, како и развој и примена на алатки и кодекс за правните лица кои се контролори на податоци, со помош на кои ќе може да создадат свои интерни политики за приватност.

Иницијатива за информациска сигурност
Целта на Иницијативата за информациска сигурснот (www.isi.org.mk) е воспоставување на сигурноста на информациските системи во сите сегменти на општественото и деловното опкружување, како базична претпоставка за функционирање на информатичкото општество.
Во рамките на проектот експертска група изработи јавно достапни материјали и упатства за примена на светските стандарди за водење на процесот за обезбедување на сигурност на информацијата врз база на нејзината точност, доверливост и достапност како основа за развој и подобрување на севкупната бизнис клима, унапредување на деловниот амбиент, заштита на приватноста на граѓаните, но и просперитет на општеството.

Заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет
Проектот Заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет (Children’s Rights on the Internet – Safe and Protected) се темели на премисата дека интернетот е пред сè место кое нуди безброј полезни информации, знаења и забавни содржини за сите. Покрај тоа постојат и потенцијални опасности и ризици, особено за приватноста и безбедноста на децата и тинејџерите и нивните семејства кои може да се намалат преку подигнување на нивото на знаење и свест за оваа проблематика во Македонија.

Во рамките на проектот се издадени 4 типа на публикации на македонски и албански јазик, и тоа: Брошура за заштита на личните податоци и приватноста на интернет, постер кој ја содржи повелбата за правата на децата на интернет, леток со совети за вешто користење на интернетот, како и водич за родители и наставници кој има за цел ним да им помогне во воспитувањето на децата и стекнувањето на позитивни навики на интернет. Понатаму, беше создаден веб-сајт со едукативни содржини наменет за децата, тинејџерите, родителите и наставниците, исто така достапен на македонски и албански јазик. Активностите за обуки ги спроведува мрежа од НВО во Македонија, во рамките на која беа обучени околу 40 претставници од НВО и наставници од училиштата. Тие во текот на учебната година 2007-2008 спроведуваа едукации низ 28 македонски и албански училишта, како за децата и родителите, така и за останатите наставници. Со оваа активност беа опфатени повеќе од 3000 деца, над 400 родители и исто толку наставници. Во завршната фаза на проектот се изведува анализа на резултатите од прашалниците и увидување на настанатите промени во размислувањата, навиките и свесноста на испитаниците, како резултат на разликите во нивните одговори во двата круга на пополнување прашалници предвидени во евалуативниот процес, едниот спроведен во мај и во јуни, а другиот во септември 2008. Повеќе информации на www.crisp.org.mk и на www.epractice.eu/cases/crisp.

Процена на потенцијалот за добро владеење во Македонија Фондацијата Метаморфозис ја спроведе ИКТ-компонентата од проектот Процена на потенцијалот за добро владеење во Македонија (www.gg.org.mk) на ФИООМ во соработка со Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија. Активностите во рамките на оваа компонента опфаќаа работа со експертска група составена од владини и независни стручњаци, при што беа извршени:
- Анализа на 5 најкористени владини е-услуги и порталот http://uslugi.gov.mk
- Објавување предлог на стандарди за ИКТ во владините институции, со цел нивна хармонизација со стандардите кои се применуваат во ЕУ
- Проценка за потребите за ИТ обуки на државните службеници од аспект на ЕУ со вршење на сеопфатна анкета која опфати 39% од сите државни службеници

Глобал војсис онлајн
Глобал Војсис (Глобални гласови) е непрофитен проект за граѓански медиуми кој се стреми да ја собира, организира и проширува глобалната конверзација на интернет – осврнувајќи се на места и луѓе коишто останатите медиуми на англиски јазик често ги игнорираат. Глобал Војсис исто така има и Програма за застапување со цел да им помогне на луѓето да се изјаснуваат на места каде што некои моќни фактори би ги спречиле во тоа. Содржините се преведуваат на повеќе јазици од преведувачи-волонтери од целиот свет, кои го формираат проектот Лингва. Во овој проект е вклучена и фондацијата Метаморфозис, која е иницијатор на македонската (http://mk.globalvoicesonline.org) и албанската (http://sq.globalvoicesonline.org) јазична верзија. Сајтовите се започнати со цел да се збогати содржината од интернационални вести на локалните јазици.

Награда на Светскиот самит за Македонија
Со цел поттикнување на е-издаваштвото и развојот на локални содржини и софтверски решенија, Метаморфозис од 2007 година го спроведува изборот и доделувањето на Наградата на Светскиот самит за информатичко општество за Македонија ([-Wwww.wsa.org.mk]). Комисија од независни стручњаци избираат ги избираат македонските кандидати за светскиот избор во осум категории, што истворемено служи и како поттик за локалната академска, деловна и креативна јавност да нуди решенија со светски квалитет.

Подигање на свеста на креаторите на јавно мислење и носителите на одлуки
Метаморфозис настојува да ја надмине состојбата на површен интерес на медиумите за прашања поврзани со ИКТ преку поврзување на локалните и странските експерти со локалните новинари, вршители на јавни функции и други релевантни лица преку предавања, конференции, семинари, отворени дебати и форуми на интернет. Овие настани често обезбедуваат вовед за претстојните општествени, правни и економски промени предизвикани од примената на новите технологии на глобално ниво. На пр. Семинарот: Новинарите и предизвиците на информатичкото општество (2003).
Семинарот за новинари: Европската интеграција и ИКТ, во соработка со МЦЕТ (2004)
Обуките за новинари: Машини за пребарување и Либерализација на телекомуникацискиот пазар во РМ (2005)

Водич за ИКТ на Метаморфозис
Метаморфозис ја издава публикацијата Водич за ИКТ наменета за новинари и општата јавност, при што во секое издание со разбирлив, нетехнички речник се обработува по еден важен концепт поврзан со информатичкото општество. Водичите се прават во соработка со еминентни светски и национални институции и се достапни во електронска форма и во хартиени изданија на македонски и албански јазик. Досега се обработени следните теми:
- Водич бр. 1: Кој владее со интернетот? Што е ИКАНН?
- Водич бр. 2: Отворен пристап
- Водич бр. 3: Приватноста како основно човеково право
- Водич бр. 4: Безбедно на интернет

Конференција «е-Општество.Мк»
Почнувајќи од 2005 година Фондацијата Метаморфозис ја организира традиционалната Меѓународна конференција «е-Општество.Мк» (www.e-society.org.mk). Целта на конференцијата е пренос на знаења за горливи прашања од областа на информатичкото општество (слобода на медиумите на интернет, е-бизнис, компјутерски криминал, авторски права, е-власт, е-инклузија и е-образование). Конференцијата обично има од 200 до 300 учесници од земјата и странство, а во изминатиот период беше поддржувана од ФИООМ, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, и програмата Исток-Исток на Институтот Отворено општество.

Информации за ИКТ
Метаморфозис обезбедува постојано следење на медиумите и дистрибуција на вести и анализи на македонски и англиски јазик, за локални и глобални прашања. Веб-сајтот на Метаморфозис е официјален извор на Гугл њуз (http://news.google.com), a содржините ги преземаат или линкуваат низа домашни и странски веб-сајтови и блогови.

Истражувања и анализи
Метаморфозис спроведува истражувања, анкети и други видови статистички и квалитативни истражувања за употребата на ИКТ во Македонија. Нивните резултати се јавно достапни, а ги користат научници, медиуми, развојни организации и македонската влада. Дел од нив беа употребени при одговарањето на Прашалникот на Европската комисија за подготовка на мислење по барањето на РМ за членство во ЕУ.

Информатички решенија
Во рамките на своите активности за одржливост Метаморфозис нуди консултантнски услуги од областа на примената на ИКТ, евалуација на проекти и изработка на информатички решенија, при што се специјализира за креирање на комплексни, повеќејазични веб-сајтови.

Меѓу другите, во изминатите години ги има изработено следните веб-сајтови:
- Повеќејазични веб-сајтови за НВО:
o Фондација Институт отворено општество - Македонија (<a href="http://www.soros.o...)
o Заеднички вредности (www.cv.org.mk)
o Акција Здруженска (www.zdruzenska.org.mk)
o Детски театарски центар (www.ctc.org.mk)
o НВО Инфоцентар (www.nvoinfocentar.org.mk)
o Онлајн мрежа на невладини организации во Македонија (www.mango.org.mk)
o Центри за поддршка на НВО (www.ngocenters.org.mk и www.nvocentri.org.mk)
o Програма за образование на Роми (www.nvocentri.org.mk)
o Отворена власт (www.opengov.org.mk) – веб-сајт на конференција

- Јавни институции o Македонска радио-телевизија (www.mrt.com.mk) – на 10 јазици
o Министерство за правда на РМ (www.pravda.gov.mk) комплетен сајт на оваа владина институција на два јазици
o Децентрализација – Да одлучуваме за себе, за Министерство за локална самоуправа (www.decentralizacija.org.mk)
o Опшини: Прилеп (www.prilep.gov.mk) и Кавадарци (www.kavadarci.gov.mk)
o Центар за образование за интелектуална сопственост (www.cipe.ukim.edu.mk)

- Информациски системи o Слободен пристап до информации од јавен карактер (www.spinfo.org.mk) – со интерактивен систем за помош
o Музика.нет.мк – информациски систем за забавна музика (www.muzika.net.mk)
o Brain Drain (www.braindrain.org.mk) - информациски систем за следење на одливот на мозоци од РМ

- Веб-магазини, портали и форуми: o „Агора“ (www.agora.org.mk) – на 3 јазици
o New Balkan Politics (www.newbalkanpolitics.org.mk)
o Антикорупциски портал (www.antikorupcija.org.mk)
o Vox Populi (www.voxpopuli.org.mk) – веб-форум без цензура на 6 јазици

Тригодишен проект за децентрализирана соработка помеѓу Македонија и Регионот Долна Нормандија од Франција 2007/2010
«Употреба на нови информатичко-комуникациски технологии»
Своето учество во проектот за децентрализирана соработка помеѓу РМ и регионот Долна Нормандија, фондацијата Метаморфозис го темели на својата експертиза во развојот и примената на ИКТ, како и искуствата од промовирањето и примената на концпетот за активно граѓанско учество кој се провлекува низ сите досегашни активности.
Метаморфозис има учествувано и во активностите за креирање на Прирачникот за граѓанско учество издаден од НВО „ОПЕН“ во 2004 година, кој е достапен на интернет токму преку веб-сајтот на Метаморфозис cc.org.mk, како и во бројни проекти во кои бил вклучен ЗЕЛС и единиците на локална самоуправа со цел подигање на нивниот капацитет за овозможување двонасочна комуникација и директен контакт со нивните граѓани преку интернет. Активностите предвидени со проектот опфаќаат и соработка со други државни институции, како Агенцијата за државни службеници на РМ, во соработка со ЦТН со цел унапредување на методите и системите за е-учење, како и користење на Дигиталните клубови и други јавни е-точки за остварување директен допир и пренос на знаења до граѓаните во опфатените општини. Подетално, тие се предвидени да ги опфатат следните акции:
Акција 1.1: Активно граѓанско учество: партнери за развој

  1. Идентификација на заинтересирани страни
  2. Процена на потреби, изработка на веб-сајт
  3. Две обуки за ИКТ наменети за млади лица, возрасни и државни службеници
  4. Размена на најдобри пракси, студиски посети и работилници во два наврати
  5. Кампања за подигнување на свеста преку брошури, тркалезни маси, постери
    Акција 1.2: Пристап до интернет и слободен софтвер за граѓаните
  6. Идентификација на заинтересирани страни
  7. Студија за јавниот пристап до интернет во Долна Нормандија и РМ
  8. Обуки за ИКТ
  9. Размена на најдобри пракси
  10. Изработка на веб-сајт „Од локална власт до локална власт“

Партнери/Финансиери

Локални партнери/Финансиери:

Партнери

Организации:
- Заеднички вредности, Скопје (www.cv.org.mk)
- Најди! Македонски пребарувач (http://najdi.org.mk)
- Контрапункт и Културен центар „Точка“, Скопје (www.kontrapunkt-mk.org)
- Центарот за современа уметност од Скопје – ЦАЦ (www.scca.org.mk)
- Отворете ги прозорците (www.openthewindows.org)
- Центар за нови медиуми (http://newmedia.org.mk)
- Прва детска амбасада во светот Меѓаши (www.medjashi.org.mk)

Институции:
- Агенција за државни службеници (www.ads.gov.mk)
- Министерство за транспорт и врски (www.mtc.gov.mk)
- Министерство за информатичко општество (www.mio.org.mk)
- Министерство за образование и наука (www.mon.gov.mk)
- Комисија за ИТ при Владата на РМ (www.kit.gov.mk)
- Заедница на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) (www.zels.org.mk)
- Десетици единици на локална самоуправа во РМ, меѓу кои се истакнуваат општината Велес (www.veles.gov.mk) и Градот Скопје (www.skopje.gov.mk)
- Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје o Институт за информатика (www.ii.edu.mk) o Економски факултет: Департман за е-бизнис (www.ebusiness.edu.mk) o Правен факултет: Центар за образование за интелектуална сопственост (www.cipe.ukim.edu.mk)
- Универзитет на Југоисточна Европа, Тетово (www.seeu.edu.mk)

Финансиери:

- Фондација Инситут отворено општество Македонија (ФИООМ) (www.soros.org.mk)

Меѓународни партнери/Финансиери:

Партнери

- UNDP
- Internet Society (ISOC) - Bulgaria
- Center for Internet Development - Serbia
- Belgrade Open School - Serbia
- ZaMir.Net – Croatia
- OneWorldSEE.org – Bosnia and Herzegovina
- Institute for strategic studies and prognoses (ISSP) – Montenegro
- Comport – Albania
- Global Voices Online (www.globalvoicesonline.org)

Финансиери

- Open Society Institute (www.soros.org)
- OSCE (www.osce.org/skopje)
- USAID
- EU, EIDHR
- EU, Framework Program 6 (We-Go Project, COMMUNIA)
- Région Basse-Normandie
- Ministère des Affaires Etrangères français
- Association des Agences de la Démocratie Locale (AADL)

Мрежи

- EDRI – European Digital Rights (www.edri.org)
- APC – Association for Progressive Computing (www.apc.org)
- Western Balkans Network for Inclusive eGovernment (www.e-society.org.mk)
- COMMUNIA (www.communia-project.eu)

Екипа

- Бардил Јашари - директор
- Филип Стојановски - програмски координатор
- Кире Димиќ - програмски асистент
- Елена Игнатова - програмски асистент
- Тим за обука - програмски асистент
- Љиљана Цекиќ – Лазоровска - административно-финансиски асистент
- Филип Нешкоски - веб-администратор

План на интернет страната | © Conseil Régional de Basse-Normandie - Tous droits réservés
Région Basse-Normandie République de Macédoine Ministère des Affaires étrangères et européennes ALDA