На 5 февруари 2010 година (петок), „Курие де Балкан“ ги почести своите читатели и сите останати љубители на балканската култура со второто издание на „Балканофонија“. Над 600 луѓе се собраа во преубавата сала на „Кабаре Соваж“, сместено во срцето на Парк д ла Вилет. Вечерта започна во 19 часот со проекција на култната балканска комедија „Ко то тамо пева“ и заврши во 2 часот по полноќ со фантастичните миксови на „Раки балканс саунд систем“. Претходно сцената се тресеше од одличните концерти на „Хајдути оркестар“ и „Живели оркестар“.
Симон Рико
Во петокот (5 февруари), „Л Курие де Балкан“ организираше голема балканска прослава во „Кабаре Соваж“. Најмалку што може да се каже е дека „Балканофонија 2010“ не остави никого рамнодушен.
Кон крајот на 2008 година, „Л Курие де Балкан“ ги дувна првите десет свеќички во „Студио д л`Ермитаж“ во присуство на речиси 450 гости. За ова второ издание на „Балканофонија“, тимот си зацрта поголема бројка.
Одличната сала на „Кабаре Соваж“ е уредена во стилот на париска таверна и е сместена во срцето на Парк д ла Вилет. Украсена во дрво, со лампиони и огледала, што повеќе можевме да посакаме?
Во град како Париз, кој е презаситен со балкански прослави, сакавме да понудиме програма која ќе отскокнува како во квалитет, така и во оригиналност.
Прославата започна во 19 часот со проекцијата на југословенскиот филм на Слободан Шијан „Ко то тамо пева“, култна комедија на балканските простори. Во конкуренција на Канскиот фестивал во 1981 година, овој забавен „роуд муви“не остави никого рамнодушен и предизвикуваше воздишки и смеа во салата со речиси 200 гости. Имајќи предвид дека е речиси невозможно да се види нешто вакво во Франција, независно дали станува збор за кино, на ДВД или телевизија, ова беше ретка можност повторно да се ужива во оваа долгометражна алегорија која потсетува и предупредува за трагичната имплозија во Југославија.
Во 21 часот, на сцената се појави „Хајдути оркестар“. Извонредно придружувани од танчерка, овие 11 музичари за првпат го претставија својот нов албум „Тек тек“ на париската сцена. Отпрвин срамежлива, публиката брзо се насобра пред сцената, отпоздравувајќи ја секоја изведба со ракоплескање и насмевки. Составен од уметници кои доаѓаат од различни балкански ќошиња, „Хајдути оркестар“ маестрално го препева музичкото наследство, оставено од Отоманите.
Пред настапот на „Живели оркестар“ во 22:30, тимот на „Л Курие де Балкан“ се качи на сцената за да потсети дека „Балканофонија 2010“ е голем настан, но и вечер организирана како поддршка за еден медиум, чија финансиска рамнотежа беше уште поразнишана од кризата. Ако судиме по вечерашнава прослава, тогаш во 2010 година не` очекуваат многу убави работи!
Составен од парижани кои ги откриле балканските звуци на патиштата низ Југоисточна Европа, дружината „Живели оркестар“ наликува на група трубачи, слично на оние цигански оркестри кои на Балканот свират по свадби и други прослави. На сцена ги придружуваше златниот глас на Сузана Ѓорѓевиќ, српска пејачка која сега живее во Берлин. Публиката одушевено вртеше ора на песните што непрестано течеа од дувачките инструменти.
Малку пред полноќ, на сцената се појави „Раки балканс саунд систем“. Двајцата најдобри селектори на франкофонската балканска сцена си „играа“ со плочите и создаваа пеколно добри миксови во звуците на грувот, џипси-панкот и турбофолкот, кои на нозе ги држеа најиздржливите се` до 2 часот наутро.
Уште една чашка ракија со музичарите и најпосле дојде крајот. Луѓето од „Л Курие де Балкан“ беа исцрпени, но пресреќни што споделија прекрасни моменти со бројната публика. Следната „Балканофонија 2011“ не` очекува веќе следната година.
Тимот на „Л Курие де Балкан“ од се` срце им се заблагодарува на сите музичари кои ја збогатија вечерта со својата песна. Значи, големо „благодарам“ за „Хајдути оркестар“, „Живели оркестар“, „Раки балканс саунд систем“ и секако, за „Кабаре Соваж“ !