Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Нова етапа на програмата за децентрализирана соработка Долна Нормандија / Македонија

Printer-friendly versionSend to friend
На 25 март 2014 година, во Скопје се одржа средба на македонските партнери на програмата за децентрализирана соработка меѓу Долна Нормандија и Македонија. Партнерите, Министерства, општини, здруженија на граѓани и институциите кои се вклучени во соработката, ја одбележаа новата етапа на соработка за периодот од 2013 до 2016 година.
 
Целта на овој состанок беше да се претстави соработката во целост пред партнерите кои се дел од новиот програмски период 2013-2016. Амбасадорката на Франција во Македонија, г-ѓата Лоренс Оер и г-ѓата Билјана Цветановска – Гуговска, државен секретар при Министерството за локална самоуправа, го отворија состанокот посакувајќи им на учесниците успешна работа. Г-ѓата Оер ги потсети присутните на важноста на територијалниот развој и како пример ја посочи соработката на збратимените градови од Долна Нормандија и Македонија. Г-ѓата Цветановска Гуговска ја истакна оригиналноста на соработката која се должи врз широкиот опфат на различни субјекти во повеќе области.
 
Уште од самите почетоци во 2007 година, соработката бележи одлични резултати кои се темелат на многубројните чинители и оригиналниот пристап на работа. По пат на размени на искуства и добри практики, таа секојдневно придонесува за зајакнување на локалниот развој на двете територии. Разновидноста на чинителите кои директно учествуваат во активностите и различните нивоа на власт кои се ангажирани во оваа соработка, ја потврдуваат нејзината длабока територијална вкоренетост и во Македонија и во Долна Нормандија.
 
 
Тековниот период на соработката се одвива во знакот на два важни историски настани. Оваа година, од една страна, се одбележуваат 70 години од истоварувањето на сојузничките сили во Долна Нормандија, а од друга, 100  години од почетокот на Првата светска војна и Источниот фронт во Македонија. Со оглед на влијанието кое овие историски случувања ги оставиле и на територијата на Република Македонија, и во Регионот Долна Нормандија, актуелната програма на соработката е формирана врз теми произлезени од овие настани: сеќавање, мир и помирување, човекови права и културно наследство. Имено, 9 проекти кои се однесуваат на овие теми се избрани во рамките на повикот за проекти за периодот 2013-2014 година. Освен тие проекти, програмата за соработка е збогатена со активности во полето на мобилност на млади и институционална соработка на локално и централно ниво. Така, оваа 2014 година ќе изобилува со бројни и разновидни случувања и на двете територии на соработка: студиски патувања и обуки од областа на меморијалниот туризам, потоа истражувања и едукација за човековите права, особено кај младите, но и културни размени на традиционалната музика.
 
Во знакот на динамиката и мотивацијата на партнерите, оваа средба овозможи подобро разбирање на претстојните предизвици кај сите учесници, но исто така создаде и можност за нивно вмрежување. Втората средба на партнерите е предвидена за јуни оваа година, за време на уште еден важен културен настан – Францускиот филмски фестивал, кој неколку години по ред се одржува во Македонија, со поддршка на Регионот Долна Нормандија.

 

погледнете ја презентацијата за програмата на соработка ДН-МК

Macedonian
27.03.2014

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“