Повеќе за Македонија
Презентација на Република Македонија
ЗА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Република Македонија е сместена во централниот дел на Балканскиот Полуостров (Југоисточна Европа) со површина од 25.713 квадратни километри. Главен град е Скопје и најголемиот град во државата, а воедно претставува и административно политички, стопански, културен и образовно - научен центар. По распаѓањето на Југославија, Македонија со референдум ја прогласи својата независност на 8 септември 1991 година. Република Македонија е мултикултурна земја во која живеат Македонци, Албанци, Роми, Власи, Турци и друго. Службен јазик во Република Македонија е македонскиот. Во општините во кои живеат етнички групи чија застапеност изнесува над 20% од вкупното население во општината како службен јазик, покрај македонскиот, се употребува и јазикот на таа етничка група. Официјална валута е македонскиот денар, МКД (1евро = 61 МКД).
ДЕМОГРАФИЈА
Според пописот од 2002 вкупното попишано население во Република Македонија изнесува 2.022.547 жители од кои:
Македонци - 64.18%
Албанци - 25.17%
Турци - 3.85%
Роми - 2.66%
Срби - 1.78%
Бошњаци - 0.84%
Власи - 0.48%
други - 1.04%
ГЕОГРАФСКА ПОЛОЖБА
Сместена во срцето на Балканскиот Полуостров, земјата се граничи со Србија и Косово на север, Бугарија на исток, Грција на југ и Албанија на запад. Две од соседните држави на Република Македонија припаѓаат на ЕУ (Грција и Бугарија) што придонесува за нејзината поволна гео-политичка местоположба. Република Македонија нема излез на море, меѓутоа се наоѓа на транзитните патишта за испорака на стоки од Балканот кон источна, западна и централна Европа, и е поврзана со најблиските пристаништа, што ѝ обезбедува можности за развивање на економската соработка со соседните држави.
РЕЛЈЕФ
Релјефот е претежно ридско-планински. Најдолга река е Вардар со 388 km (од кои во 301 km во Република Македонија) и во најголем дел тече низ централниот дел на државата, а најголема котлина е Пелагонија на која се одгледуваат многу култури специфични за ова климатско подрачје На јужната граница на Република Македонија лежат три големи природни езера:
• Охридско Езеро кое е поделено меѓу Република Македонија (2/3) и Република Албанија (1/3)
• Преспанско Езеро кое е поделено меѓу Република Македонија, Република Албанија и Република Грција
• Дојранско Езеро кое е поделено меѓу Република Македонија и Република Грција
Територијата на Република Македонија се наоѓа на сеизмички активно подрачје. Во минатото се случиле многу катастрофални земјотреси, меѓу кои скопскиот земјотрес во 1963 година кој го уништи градот Скопје.
ИСТОРИЈА
Од VI век п.н.е до падот на Римското Царство: Во времето на Филип II Македонски (359-336 п.н.е) и неговиот син Александар Македонски (336-323 п.н.е) македонската држава го достигна зенитот на својот развој
XI век: Жестоки бунтови против Византиското Царство, едно предводено од Петар Делијан (1040), внук на Самоил, друго предводено од Ѓорѓи Војтех (1072).
1392: Македонија паѓа под доминација на Отоманското Царство, кое ќе трае пет века.
1893: Основање на Внатрешно Македонска Револуционерна Организација (ВМРО) во Солун. Главни цели: национална слобода и воспоставување на права автономна држава.
2 август 1903: Илинденско востание водено од жителите на Македонија, со која се бара својата независност од Отоманското Царство. Притоа Македонија беше, по независноста на Србија и Бугарија во 1878, една од последните европски територии на Царството. Востанието започна на Илинден и заврши десет дена подоцна со крваво задушување од отоманите кој остави 4000 мртви. Главно се водеше во центарот и на север на денешната Република Македонија, во околината на Крушево и селото Илинден, кое подоцна е така наречено во чест на востанието.
1913: Втора балканска војна. Сојузниците од Првата балканска војна поведоа војна за доминација над Македонија. Мировниот договор во Букурешт (10 август 1913г) ја подели Македонија меѓу Бугарија, Грција и Србија.
1925: Прогресистичките сили на револуционерното движење ја основаат Револуционерната Организација на Македонија (Обединета).
1940: Демократските сили на Македонија ја дефинираат политичката програма за национално и социјално ослободување.
11 октомври 1941: Оваа дата го означува почетокот на борбата против фашистичкиот окупатор.
2 август 1944: Се одржа првата седница на Анти-фашистичкото Собрание за Национално Ослободување на Македонија (АСНОМ) на кое учествуваат претставници од Пиринска и од Егејска Македонија, се одржа во манастирот Св. Прохор Пчински. Таму падна одлуката за формирање на современа македонска држава и повторно да се интегрира во федералната Југославија.
април 1945: Формирање на првата македонска влада. Во следните 45 години Македонија ќе биде една од шесте републики кој ја сочинуваа Југословенската Федерација.
8 септември 1991: Референдум за независноста на Република Македонија. По распадот на Југословенската федерација, Република Македонија, во 1991 год, по пат на референдум, се прогласи за независна, суверена и автономна држава.
17 ноември 1991: Изгласување на Уставот на Република Македонија.
2001: Силна етничка тензија ја засегна земјата, со која се истакнуваше важноста на албанското население, кое е мнозинство во некои делови на земјата и кое бара поголема власт. На 13 август истата година се потпиша Охридскиот рамковен договор помеѓу тогашните најголеми политички партии и специјалните претставници на ЕУ и САД со што се стави крај на шестмесечниот етнички конфликт во земјата. Со договорот се уредија малцинските права во Р. Македонија и се предвиде реформа во децентрализацијата. (види децентрализација)
ЕКОНОМИЈА
Република Македонија сите свои сили и потенцијали ги насочи кон економскиот развој и креирањето поволен економски амбиент. Со долгогодишна макроекономска стабилност и со ниска инфлација која во просек изнесува 2% во последните 10 години, земјата има избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг кој изнесува 32,5% од Бруто домашниот производ. Во изминатите години спроведени се низа реформи во делот на пазарот на труд, како и активни мерки за вработување, со што невработеноста се намали за околу 4%. Сеопфатните реформи ја подобрија вкупната бизнис клима, поради што вкупниот износ на странски директни инвестиции во Република Македонија во периодот од 1998 до 2009 година изнесува околу 3 милијарди евра. Токму за постигнатите резултати, во последните три години Македонија се вброи во врвните реформатори во светски рамки, согласно реномираниот "Doing Business" извештај на Светска Банка, посочена како најповолна земја за отпочнување бизнис во Југоисточна Европа. (http://www.doingbusiness.org/reports/subnational-reports/south-east-europe)
Република Македонија е потписник на мултилатералните договори за слободна трговија со земјите од ЕФТА (2000 год.) и ЦЕФТА (2006 год.), додека со Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија (2001 год.), Македонија доби поповолна позиција на пазарот на Европската унија, целосна либерализација за македонските производи за влез на тој пазар и либерализација на производите од ЕУ на домашниот пазар.
Извор: страна на претседателот на РМ http://www.president.gov.mk
ТУРИЗАМ
Туристичкиот производ на Македонија претставува богата комбинација од културно и природно наследство, што се карактеризира со широко пространи пејзажи од езера и планински глетки, многу од кои поседуваат релативна оддалеченост и мир кој ретко може да се најде во 21-от век. Исто така, Македонија била крстосница со векови, носејќи со себе различни култури и духовни верувања. Римјаните ги изградиле првите примитивни патишта, некои од кои се надоврзуваат на Европски пат Е-75 кој го поврзува Брисел со Атина, но Македонија и покрај историската и стратегиската важност се уште е релативно непозната. Најпозната туристичка дестинација е градот Охрид и Охридското езеро, едно од најстарите во светот, заштитени од УНЕСКО. Република Македонија гради имиџ на препознатлива туристичка дестинација, базиран на културно и природно наследство.
За повеќе информации за Македонија и нејзината богата туристичка понуда:
Извор: Министерство за економија, секотор за туризам http://www.economy.gov.mk
ВНАТРЕШНА ПОЛИТИКА
Република Македонија е повеќе партиска, демократска држава, заснована на почитување на фундаменталните човечки права и слободи. Од економски аспект, земјата се одликува со макроекономска стабилност, фиксен девизен курс врзан за еврото, функционална пазарна економија, стабилен финансиски и банкарски систем и поволна клима за странски директни инвестиции.
Политички систем
Република Македонија по државниот референдум во септември 1991 година воспостави суверена држава заснована на парламентарна демократија. Извршната власт е во рацете на Владата, предводена од Премиер. Премиерот и владините министри се бираат во Собранието. Министрите се бираат со мнозинството гласови на пратениците во Собранието.
Законодавната власт, Собранието на Република Македонија, е составено од 123 пратеници кои се избираат на секои четири години. Претседателот на Република Македонија, ја претставува Републиката и ја извршува функцијата Врховен командант на вооружените сили. Претседателот се бира на општи и непосредни избори, со мандат од пет години и можност за уште еден повторен избор.
Претседател на Република Македонија: Ѓорге Иванов (избран на 5 години, следните избори се во 2014 година)
Влада: коалициска меѓу ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ (5 јуни 2011 година)
Премиер: Никола Груевски (од 5 јули 2006 година)
Извор: страна на претседателот на РМ: http://www.president.gov.mk
Macedonian