Семинар на тема „Компаративен преглед на правото во Франција и Македонија“
Macedonian
Амбасадата на Франција во Македонија, Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен, Правниот факултет од Скопје, во партнерство со проектот на децентрализираната соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија и Правниот факултет од Каен организираат еднодневен семинар со цел да се направи заеднички осврт на трудовото право во Македонија и во Франција. Помеѓу учесниците ќе има и десетина студенти на мастер студии по основни права од Франција кои се интересираат за темата.
Договорите за вработување, односите помеѓу работодавачот и работникот, судската постапка во случај на спор како и дискриминацијата се прашањата кои ќе бидат отворени. Во време кога Франција размислува на овие теми обидувајќи да ја зголеми својата конкурентност, една структурирана размена помеѓу експерти од Македонија и Франција од областа на социјалните права би можела да ги зајакне размислувањата во однос на еволуцијата на трудовото право во Европа.
Идејата за овој семинар произлезе од една од сесиите на циклусот обуки за македонските адвокати организиран од страна на Амбасадата на Франција и Адвокатската комора на Македонија. Впрочем, се појави потребата да се обезбедат квалитетни информации за францускиот и македонскиот систем за заштита на работниците во рамките на нивната професионална активност.
Овој еднодневен семинар претставува прв чекор во исполнувањето на таа потреба. Документите од семинарот ќе бидат објавени на двата јазика со цел на тој начин да се состави првиот дел од идната колекција што Институтот сака да ја изработи на тема компаративен преглед на француското и македонското право.
Настанот ќе се одржи на 21 февруари 2013 година на Правниот факултет во Скопје во салата за состаноци на Наставно-научниот совет. Ќе биде обезбеден превод на француски и на македонски јазик.
За повеќе информации за семинарот, консултирајте ја програмата овде.
11.02.2013
Извор: Меѓународен институт за човекови права и мир