Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

ОПШТИНАТА БЕШЕ ДОМАЌИН НА ГРУПА ДЕЦА СО ЛЕСНА ПОПРЕЧЕНОСТ - Млади Французи снимија репортажи за Kарпош

Printer-friendly versionSend to friend
Macedonian
Четири девојчиња и четири момчиња од 16 до 20 години со полесна интелектуална попреченост, кои доаѓаат од Франција, деновиве снимаа визуелна репортажа за општината Kарпош и цела седмица беа нејзини гости, а го посетија и Охрид. Децата, кои допатуваа од општината Флери-сур-Орн во Долна Нормандија, заедно со петмина едукатори од Медицинскиот образовен институтот „Андре Бодеро“ и со заменик-градоначалничката Жаклин Бори, првпат ја посетија Македонија, а дома си заминаа полни со впечатоци. На своите домаќини тие им ја прикажаа репортажата за животот во нивната општина во Франција, а со снимениот материјал кај нас ќе ја пренесат овдешната атмосфера пред своите сограѓани во Флери-сур-Орн.

Во текот на престојот тие се сретнаа со лица со посебни потреби од Kарпош и воспоставија лични пријателски односи.

Сакаат да останат во Македонија

Деветнаесетгодишната Муриел Барое е воодушевена од престојот во Скопје и од општината Kарпош.

- Сакам да останам во Македонија. Најмногу ме импресионира дочекот на домаќините. Прекрасна е Чаршијата, а голем впечаток ми оставија брановите на Охридското Езеро и самиот град - ни рече Барое.

Нејзиниот другар Валентин Леконт, кој има 17 години, наброја с` што снимиле.

- Ја снимавме скопската тврдина, Чаршијата, како и манастирот „Плаошник“ во Охрид. Пријатно сум изненаден од сето тоа - вели тој.

На 16-годишниот Еди Пујо, пак, најмногу му се допаѓаат луѓето.

- Македонците се многу пријатен народ. Снимавме многу интервјуа со граѓани. Овде при снимањето бевме послободни бидејќи веќе го имавме првото искуство со филмот за нашата општина. Освен тоа, научивме и неколку македонски зборови: да, чао, здраво, благодарам. Толку ми е убаво, што би сакал да останам уште неколку дена - рече Пујо.

Директорот на институтот „Андре Бодеро“, Лук Турбијон, вели дека она што му се допаднало во Македонија е што има многу активни волонтери што работат со хендикепираните лица.

- Во Франција сега се работи со државни пари. Овие лица имаат приспособени работни места и посебни договори со претпријатијата каде што се вработени. Тоа им се допадна на стручните лица со кои зборував во Македонија и изразија желба овој модел да го применат и кај вас. Мислам дека стручњаците што работат со хендикепираните лица треба да дојдат во Франција и на самото место да го видат тоа - изјави Турбијон.

Долна Нормандија дозна за Kарпош

Раководителката на секторот за развој во Kарпош, Евантија Стојановска, вели дека со општината Флери-сур-Орн лани потпишале договор за соработка, а се подготвува и збратимување на општините.

- Целта на репортажата што ја снимија децата е Французите да дознаат нешто повеќе за македонската култура и за обичаите преку визијата на овие млади ентузијасти - рече таа.

Дефектологот во „Андре Бодеро“, Ани Kолас, објасни дека се тука благодарение на децентрализираната соработка меѓу Долна Нормандија и Македонија.

- Овој институт се вклучи во таа соработка и спроведува проект за размена на млади. Младите што се присутни тука ќе дејствуваат како врска меѓу двете општини, а репортажата е првиот проект што двете општини го спроведоа со деца со посебни потреби - изјави Kолас.

Таа потенцира дека откриле многу интересни работи.

- Младите луѓе имаат доволно материјал за филм во кој ќе ја претстават општината Kарпош. Ќе зборуваат како се снашле овде, како им поминал престојот, но ќе говорат и за хендикепот - вели таа.

Според Kолас, за младите многу силен момент бил тоа што се сретнале со градоначалникот Стевче Јакимовски, како и тоа што многу граѓани дошле да го видат нивниот филм за Флери-Сур-Орн.

- Секоја вечер, откако сме тука, на интернет-страницата на институтот се објавуваат репортажи за Kарпош. Две се објавени и на интернет-страницата на Регионалниот совет на Долна Нормандија. Многу жители од Долна Нормандија одблизу проследија каков е животот во општина Kарпош. Импресиите се огромни, а за другото ќе им оставам да кажат младите - истакна Kолас.

Заменик-градоначалничката Бори вели дека е многу задоволна од условите и од престојот во Скопје.

- Пред да дојдат, овие млади луѓе имаа подготовки во Франција. Тие учеа како да снимаат со камера и беа многу возбудени, а имаат голема желба оваа соработка да продолжи - рече таа.
 
 
фотографија : dnevnik.mk
25.11.2013
dnevnik.mk

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“