Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Македонија го одбележува Денот Д

Printer-friendly versionSend to friend
Денес, на 6ти Јуни 2014 година, Франција и светот слават 70 години од Денот Д, Истоварувањето на сојузничките сили на брегот на Нормандија. По тој повод, на брегот на Нормандија денес се среќаваат светските лидери од земјите учеснички, преживеани ветерани, илјадници жители на Нормандија и посетители од целиот свет кои ќе им одадат почит на војниците кои беа дел од оваа битка. Покрај свечената меѓународна комеморација, се одржуваат низа настани: концерти, изложби, семинари и меѓународни средби.

Благодарение на долгогодишната соработка со Регионот Долна Нормандија, Република Македонија учествува во одбележувањето на Денот Д. Имено, на свеченостите учествува претставник на Канцеларијата за децентрализирана соработка Долна Нормандија - Македонија од Скопје. На 4ти јуни активностите на оваа соработка беа претставени пред делегации од Кина, Норвешка, Канада, и англиските острови Џерзи и Гернзи, сите земји со кои соработува Регионот Долна Нормандија. Исто така, по покана од Градот Каен, градоначалникот на Охрид е дел од овие свечености.

Во знак на одбележувањето на Денот Д, во рамките на соработката помеѓу Македонија и Долна Нормандија се остваруваат неколку активности. На 30ти мај во Битола беше промовирана документарната репортажа „Војникот Рајан од Битола“. Филмот ја раскажува животната приказна на, веројатно единствениот Македонец кој учествувал и загинал на битката во Нормандија, војникот Панде Матевски од Битола. Исто така, во чест на Долна Нормандија, во рамките на Фестивалот на француски филм во Скопје ќе бидат прикажани два тематски филма за Истоварувањето на сојузничките сили од Нормандија. Во јули оваа година во Каен се одржува Меѓународен летен универзитет на тема „Да се бориме за слобода“ на кој ќе учествуваат студенти од Македонија.

Освен 70 години од Денот Д, во јуни 2014 се означува и 100 години од Првата светска војна. Овие два историски настани се отсликани во активностите за соработка помеѓу Долна Нормандија и Република Македонија во наредниот период. Предвидени се многубројни територијални проекти за соработка: видео продукции, изведби на уметници, размена на млади, истражување како и развој на меморијалниот туризам. Овие проекти за вреднување на мирот и помирувањето се дел од иницијативата на Долна Нормандија да ги признае плажите на Истоварувањето како светско културно наследство на УНЕСКО.
 
Публикацијата за комеморацијата можете да ја најдете тука, а галеријата со фотографии тука.
Macedonian
06.06.2014

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“