Зајакнување на капацитетите на сточарите за рентабилност и долгорочност на млечното производство
Обука за вoдење на сметководствената евиденција на фарма, што ФФРМ како нов пакет на услуги ги нуди за своето членство, се одржа во јули во Горна Бањица за претставници на Здружението на одгледувачи на крави „Вардар“ од Гостивар.
Интенцијата за спроведување на сметководствената евиденција на производствените трошоци, резултати и приходи на фарма произлегува од потребата да се има увид колку чини производството на одреден производ. Преку сметководствената евиденција фармерите ќе можат да обезбедат рационално, ефикасно и профитабилно менаџирање, ќе можат да ги планираат идните активности и употребата на современи техники за намалување на трошоците. Начин да имаат историја на работењето –документ со којшто може да се потврди успешноста на работењето (а документираните податоци да ги користат за аплицирање за средства од банките и фондовите-ИПАРД). База со која ќе учествуваат во градењето на ефикасна стратегија за поддршка на фармерите и секако ќе имаат документи- база за силно лобирање и јака преговарачка позиција врз основа на реални податоци.
Членовите на ЗОК „Вардар» имаа можност и практично со помош од претставниците од ФФРМ да започнат да ги пополнуваат тетратките за евидентирање на имотот со кој располагаат и да ги забележат трошоците за процесот на производство и ангажирањето на работната рака, како и приходите од пласираните производи по одреден месец. На овој начин, претставниците на ФФРМ веруваат дека ги симнаа табуата и тешкотиите околу водење на сметководствената евиденција.
Macedonian
25.07.2011