Берово и Ливаро потпишаа Конвенција за меѓународна соработка
Од 3 до 6 август 2012 година делегација од Општина Берово, предводена од градоначалникот Драги Наџински беше на официјална посета во Ливаро, Франција. Целта на посетата беше да се официјализира соработката меѓу двете општини преку потпишување на Конвенција за меѓународна соработка. Градоначалникот на Берово, Драги Наџински и градоначалникот на Ливаро, Себастијан Леклерк ја потпишаа Конвенцијата за меѓународна соработка за време на свеченото отворање на саемот на сирење што јубилејно се одржи по 250-ти пат во Ливаро.
Конвенцијата ја отсликува заедничката волја за развивање на институционално партнерство што се заснова на принципот на реципроцитет како и за продолжување на соработката во областите на одржлив и рурален туризам (промовирање на локалните гастрономски вештини), образование, заштита на животната средина, управување со комунален отпад и земјоделски развој.
За време на посетата, македонската делегација посети неколку позначајни објекти во Ливаро како: фабриката за производство на сирење, депонијата за отпад и домот за стари лица.
Двете општини ќе продолжат и во иднина да разменуваат искуства и да соработуваат на проекти во јавниот и приватниот сектор преку формирање на работни групи што ќе бидат овластени за дефинирање на планот за соработка.
Macedonian
07.08.2012