Соработката Долна Нормандија / Македонија активна и во новата три-годишна програма на мрежата Франција-Балкан
На 9 јануари 2014 година, членовите на Програмата за мултилатерална децентрализирана соработка Франција-Балкан одржаа состанок во Париз. На средбата се дискутираше за изминатите активности во рамките на оваа соработка, но посебен акцент беше ставен на продолжувањето на соработката во следните 3 години. Повеќе од 15 претставници на локалните и регионалните власти од Франција, меѓу кои и регионот Долна Нормандија, дискутираа за начинот на кој ќе се продолжат активностите со партнерите од Југоисточна Европа.
Соработката Долна Нормандија / Македонија, како активен член на мрежата Франција-Балкан, на состанокот беше претставена од страна на г-ѓата Сабин Гише Лебаји, раководител на секторот за меѓународна соработка и мобилност во Регионалниот совет на Долна Нормандија и раководител на соработката Долна Нормандија / Македонија. „Нашата цел, како партнер во оваа голема платформа, е да ја зајакнеме децентрализирана соработка со Република Македонија. На тој начин сакаме да создадеме синергија со останатите актери од Западниот Балкан и тежнееме кон подобро разбирање на работата водена од страна на нашите француски колеги. Програмата Франција-Балкан воедно претставува додадена вредност за нашата соработка“, изјави г-ѓата Гише Лебаји, истакнувајќи го интересот на соработката Долна Нормандија / Македонија како дел од оваа мрежа.
Благодарение на редовните средби, работилници, обуки, но и студиски посети, оваа мрежа ги поттикнува своите членови да ги соединат своите соработки, напуштајќи го на тој начин стандардниот модел на билатерална соработка. Ова здружување на различни средства, проекти и мрежи овозможи да се меѓугранична соработка со цел да се остварат заеднички цели, а тоа се: зајакнување и стабилизирање на демократскиот процес на Балканот, одржување на мирот во регионот, зајакнување на француските власти и нивно отворање кон соседните региони и секако, поддршка кон процесот за европска интеграција. Во овие рамки, соработката Долна Нормандија / Македонија, преку работата на еден од своите партнери – Метаморфозис, организираше меѓународна конференција во Скопје, во декември 2009 година, на тема новите технологии во информирањето и комуникацијата.
Активностите од новата три-годишна соработка на Франција-Балкан, ќе започне со првиот настан закажан во Стразбур, во средината на октомври. Настанот ќе се одржи во исто време со конгресот на Советот во Европа, исто така лоциран во Стразбур.
Macedonian
13.01.2014