Средба на министерот Никола Попоски со заменик-претседателот на Регионот Долна Нормандија, г-ѓа Ани Ан
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, на 26 јуни 2013 година, оствари средба со делегацијата од регионот на Долна Нормандија (Франција), која беше на тридневна работна посета на Македонија, предводена од г-ѓа Ани Ан, Заменик претседател на Регионот и одговорна за меѓународна соработка. Н.Е. Лоранс Оер, амбасадорка на Франција во Македонија, беше исто така присутна на состанокот помеѓу министерот Попоски и г-ѓата Ани Ан.
На средбата заемно беше потенцирано значењето на билатералната соработка меѓу Регионот Долна Нормандија и Република Македонија, која успешно се реализира веќе шест години преку низа проекти од различни карактери и во различни области. Притоа, остварени се многубројни посети на делегации од двете страни, кои сите заедно придонесоа за унапредување на меѓусебната соработка, посебно во локалното владеење и регионалниот развој.
Министерот Попоски изрази интерес за понатамошно продлабочување на соработката на Република Македонија со Долна Нормандија, кој е еден од најзначајните и економски развиени региони во Франција. Притоа, тој истакна дека ваквиот вид на соработка претставува вистинска платформа за размена на искуства на локално ниво, но и можност таквата соработка да биде искористена во функција на европската перспектива на Република Македонија.
Macedonian
01.07.2013