Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Шести „Фестивал на француски филм“ во Македонија 26-30 јуни 2013, Скопје и Охрид

Printer-friendly versionSend to friend
Шестото издание на Фестивалот на француски филм во Македонија, за прв пат се одржа во два града, во Скопје и традиционално, во Охрид. Од 26 до 30 јуни, македонската публика имаше можност да ужива во француските филмови и да се запознае со реномирани француски синеасти.
 
На прес конференцијата, одржана на 25 јуни, Н.Е. г-ѓата Лоренс Оер, амбасадорка на Република Франција во Македонија, изјави дека овој настан е повеќе од филмски фестивал „конципиран е поинаку од минатите изданија, ќе почне во Скопје и ќе продолжи во Охрид, но ќе донесе свежа продукција која очекувам да биде прикажана во комерцијалната мрежа. Целта не е само да прикаже филмови, туку покрај проекциите да воспоставиме и соработка за продукција и за филмска едукација“. Г-ѓата Ани Ан, заменик-претседател на Регионот Долна Нормандија, на конференцијата додаде дека размената во областа на културата е навистина важен дел во соработката на регионот со Македонија. Таа присуствуваше и на отворањето на фестивалот во Скопје, на 26 јуни, заблагодарувајќи им се на организаторите на фестивалот. Регионот Долна Нормандија веќе неколку години го поддржува овој значаен културен настан.
 
Фестивалот го отвори филмот на Ноеми Лвовски „Камиј повторува“ во кој таа се јавува во тројна улога на режисерка, главна актерка и ко-сценарист. Изборот на филмови за ова издание го направи Жан-Мишел Фродон, поранешен уредник на “Каје ди синема“ (Cahiers du cinéma).
 
Од 28 до 30 јуни, фестивалот продолжи со својата програма во Охрид. Отворањето беше посветено на краткометражниот филм, со фокус на аудио-визуелното творештво на Долна Нормандија. Во присуство на г-ѓа Сандрин Поже, режисерка на еден од трите краткометражни филмови – „Кабар“ и на г. Гијом Деланд, директор на Домот на аудиовизуелна дејност во Каен, охридската публика имаше можност да го запознае регионот преку филм.
 
Целите на фестивалот и оваа година се исти: прикажување на француската кинематографија на балканските простори, понуда на најдобрите француски филмови од најнова продукција и дебати со гостите по проекциите.
Macedonian
30.06.2013

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“