Воспоставување на регионална културна мрежа во Пелагонискиот регион
Во рамките на оска 4 „Културни политики“, како дел од децентрализираната соработка меѓу Регионот Долна Нормандија и Македонија, Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата – Локомотива организираше работилница на тема „Проект менаџмент и стратешко планирање“ од 7 до 10 мај во Битола. На работилницата учествуваа стручни лица од Битола, Прилеп, Ресен, Кривогаштани, Долнени, Демир Хисар, Крушево, Новаци, како и два српски експерта –Кристина Кујунџиќ и Маријана Цветковиќ-Марковиќ.
Целта на работилницата беше да се здружат способностите и капацитетите на регионот и да се воспостави регионална културна мрежа. Во првата фаза од здружувањето, групата ги идентификуваше потребите, потенцијалите и решенијата за поголема хомогенизација на културната понуда на својата територија.
Центарот за развој на Пелагонискиот плански Регион како координативен и комуникациски центар ќе го следи развојот и работата на мрежата.
За време на работните денови, се согледаа заедничките потреби на македонскиот регион и областа на Мон Сен Мишел за интерсекторско поврзување на културата и туризмот преку конкретни активности. Во таа насока, се предвидува нова работилница од 26 до 30 јуни во областа на Мон Сен Мишел, каде што ќе се работи токму на поврзаноста на туризмот и културата за постигнување на територијален развој.