Дали Балканот е нова туристичка дестинација во Европа?
На 10 и 11 мај 2012, во Тетово, се одржа семинарот насловен како „Туризам и активности на отворено во Балканот“. Семинарот беше организиран во рамките на проектот на мултилатерална соработка Франција-Балкан, координиран од АЛДА.
Речиси четирисетина туристички работници (претставници на туристички агенции, хотелиери, водичи, итн.) како и претставници на локалните власти и интернационални организации од Франција, Романија и од Балканските земји (Албанија, Босна, Косово и Македонија) присуствуваа на овој настан.
Семинарот имаше за цел да ги промовира и нагласи бројните туристички потенцијали со кои располагаат балканските земји, што воедно ќе допринесе тие да станат популарни туристички дестинации кои нудат, меѓу другото, бројни активности на отворено. Нивното поврзување едни со други ќе допринесе за промовирање на активностите и идентификување на секоја од нив. Средбата во Тетово резултираше со динамични дискусии меѓу учесниците и размена на конкретни предлози кои би ја подобриле туристичката понуда наменета и за меѓународните, но и за балканските туристи.
Децентрализираната соработка меѓу Долна Нормандија и Македонија исто така ја претстави својата програма на работа и ја истакна важноста за развојот на туризмот во Македонија. Имено, оската туризам, во рамките на соработката, работи на зајакнување на капацитетите на локалните чинители од јавниот и приватниот сектор кои работат во овој домен.
Семинарот во Тетово овозможи размена на многубројни интересни идеи меѓу учесниците, кои во иднина ќе дадат конкретни резултати и ќе го потпомогнат развојот на туризмот и на активностите на отворено во Балканските земји, но и во Франција.
Macedonian
11.05.2012