Седмото издание на фестивалот на француски филм започна
Започнува седмото издание на фестивалот на француски филм кој ќе се одржува од 18 до 22 јуни во Скопје и Охрид. По тој повод беше одржана прес конференција на 16 јуни на која француската амбасадорка во Македонија госпоѓа Лоренс Оер ја најави популарната комедија „КЕ Д’ОРСЕ“ на Бертран Таверние која ќе го отвори фестивалот.
Пред присутните новинари и љубители на филмот, амбасадорката ја искористи можноста да им се заблагодари на сите кои го поддржуваат фестивалот, меѓу кои и Регионот Долна Нормандија, како еден од најголемите поткровители на оваа филмска манифестација.
Оваа година големо внимание се посветува на комеморацијата од 70-годишнината од Истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија како и стогодишнината од почетокот на Првата светска војна кои се во централен фокус на случувањата во Франција и целиот свет. По тој повод ќе бидат прикажани „Капетан Конан“ на Бертран Таверние кој ја обработува Првата светска војна како и документарниот филм „Светлината на зората“ на Жан Кристоф Розе кој ја отсликува легендарна битка во Нормандија која го означила пресвртот во Втората светска војна во прилог на сојузничките сили. По проекцијата на „Светлината на зората“ гледачите ќе имаат прилика да се запознаат со Бруно Алексиу музички продуцент и композитор на овој документарен филм.
Дел од филмовите кои ќе бидат прикажани за време на фестивалот доаѓаат токму од Долна Нормандија, се работи за три краткометражни филмови: „Араст“ на Жералд Леру, „Лин е забележана“ на Фредерик Летерје и „Леукемијата на Мика“ реализирани од Домот на визуелните дејности на Долна Нормандија. Проекциите на овие филмови се реализирани како дел проектот „Европа овде – Европа таму (1914-2014)“ чив носител е Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕСРА, во рамки на децентрализираната соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија.
Меѓу говорниците на прес конференцијата беше и министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, која напомена дека францускиот филмски фестивал е клучен настан за соработката помеѓу Франција и Македонија, и дека тој станува се поголем и поразноврсен во своите тематики.
Macedonian
16.06.2014