Војникот Рајан од Битола
Денот-Д, 6ти јуни 1944 година, датум кој што одекнува во сеќавањата на сите народи од светот. Во таа судбоносна битка клучна за победата над фашизмот и Македонија има свој претставник, битолчанецот Панде Матевски.
По повод 70 годишнината од Денот-Д, на 30ти мај во Центарот за култура во Битола во 12 часот премиерно ќе се прикажува животната приказна на Панде Матевски преку кратка документарна репортажа со наслов „Војникот Рајан од Битола“.
„Војникот Рајан од Битола“ прикажува една невообичаена приказна што се темели на историски настани за време на Втората Светска војна. Филмот е за животот на битолчанецот Панде Матевски кој е регрутиран во американската армија и е дел од единицата која што е испратена на западниот фронт во Нормандија токму на Денот-Д, 6ти јуни 1944 година.
Панде Матевски е еден од ретките, ако не и единствениот Македонец кој се борел и го загубил својот живот токму во битката на Денот-Д.
Панде Матевски како и други Македонци во тој период, бил заминат во Америка како печалбар. Тој е заведен во американските воени архиви како Панта Матевиќ, регрутиран во американската армија на 13.05.1941 година во Чикаго со ранг – водник прва класа. Податоците од архивите велат дека загинал во акција во 1944 година, а неговото тело било вратено во Битола во 50тите години на минатиот век. До ден денес, Панде Матевски почива во битолските воени гробишта а неговата приказна се споделува исклучиво меѓу локалното население.
Досега, неговата животна приказна била на статус на локална урбана легенда. Оваа видео репортажа е направена со цел овој војник кој се борел во американската војска за време на Втората светска војна да излезе од својата релативна анонимност и да влезе во историјата како еден од паднатите херои кои го дале својот живот за слобода.
Репортажата е направена од Телевизија Орбис од Битола, со поддршка на програмата за децентрализирана соработка помеѓу Долна Нормандија и Република Македонија.
Macedonian
27.05.2014