Баруф оркестар – француска музика од Балканот и Источна Европа во Македонија
Баруф Оркестар е невообичаена група со оригинална визија. Оваа група на музичари иако доаѓа од Каен, од францускиот регион Долна Нормандија, се вбројува во музичката традиција од Централна и Источна Европа. Нивна цел е да придонесат во зачувувањето на традиционалното музичко наследство кое потекнува од Балканот преку исполнување и ширење на таа народна музика во Долна Нормандија. Нивната работа опфаќа голем број на размени и настапи во соработка со други музичари и музички структури од балканските земји.
Токму поради тоа, во рамките на соработката Долна Нормандија/ Македонија, Баруф оркестар ќе престојува десетина денови во Македонија во април и мај 2014 година. Нивната посета ќе биде почеток на зближување и соработка помеѓу младите Французи и Македонци и тоа преку музиката од Балканот. Тие воедно ќе имаат можност да ја откријат Македонија, да се запознаат со нејзините жители и култура особено преку нејзиното музичко наследство.
Музичката авантура на Баруф оркестарот започнува во Скопје, каде што групата ќе се сретне со музичари од Македонија кои свират на традиционални и на дувачки инструменти. Нивната заедничка работа на одредени музички теми, техники на интерпретација и импровизација ќе резултира со концерти и настапи кои ќе се одржат низ повеќе градови во Македонија: Скопје, Могила, Битола и Охрид, град кој веќе соработува со Каен. Исто така, во предвидените градови ќе се одржат повеќе средби на кои, покрај размената на искуства од областа на музиката, ќе биде презентирана и програмата за децентрализирана соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија, но и регионот Долна Нормандија, односно француската култура и фолклор. Овие средби, се воедно повод за подетални анализи и споредби на музичките практики и традиционалните инструменти во Франција и Македонија. Заедничката работа ќе резултира со концерти и настапи каде македонските музичари ќе им се придружат на своите француски колеги за да произведат единствен музички спој, кој ќе биде одлика на нивната соработка.
Ова заедничко откривање на културата, традицијата и музичкиот фолклор помеѓу Долна-Нормандија и Македонија, ќе биде поттик за создавање на нови балкански звуци, нови соработки и меѓусебно заедничко збогатување на двете територии преку отворање кон другиот низ музиката.
Во рамките на оваа децентрализирана соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија, која се одвива со поддршка на Францускиот Институт во Париз и Регионот Долна Нормандија, вклучени се повеќе институции и организации. Организациите од Франција се Балкан-Транзит и Европската куќа од Каен - Долна Нормандија, како и Конзерваториумот од Каен. Од Македонија како партнери се јавуваат организациите Аларм и Локомотива, Општина Могила, Младинскиот Културен Центар од Битола и Младинскиот Совет од Охрид.
Macedonian
28.04.2014