Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Француските компании не им доверуваат менаџерски места на младите

Printer-friendly versionSend to friend
Помалку од една четвртина (23%) од вработените млади Французи – наспрема 45% од младите Британци или 40% од младите Германци – надгледуваат вработен или група вработени, посочува истражувањето објавено на почетокот на месецот, кое инаку беше спроведено од кабинетот за советување и обука „Цегос“ (Cegos) во мај 2012 година над 3.000 млади со различен тип на диплома, вработени во компании или администрација со над сто вработени, од пет земји (Германија, Шпанија, Франција, Италија и Обединетото Кралство). Инаку, „Цегос“ организира веб-конференција на 23 октомври каде ќе бидат претставени резултатите од истражувањето.
 
Во просек, на 35% од младите Европејци им е доверена функцијата „менаџер“. Во Франција оваа бројка е најниска, а Италија (35%) и Шпанија (32%) се помеѓу Франција и северните земји. Во Франција, најмногу млади менаџери има во услужните дејности (27%) и јавниот сектор (24%) наспрема 13% во индустријата. Па сепак, машко-женската нееднаквост е очигледна во сите земји: 40% од младите мажи се менаџери наспрема 27% меѓу младите жени.
Следна точка на конвергенција: слабиот интерес за оваа функција. Само 15% од младите испитаници – и само 21% од оние кои се веќе дел од вработениот кадар – имаат желба за преземање на менаџерската одговорност. Нејсе, желбата е троа поголема во Франција (21%), иако можноста за тоа е поретка. 
 
Семејството пред работата
Треба да се напомне дека односот на младите Французи кон светот на компаниите се разликува од оној на нивните европски врсници и тоа, во неколку аспекти. Навистина, младите Европејци го избираат семејниот живот (86%) пред работата (59%) како „поважно“. Но оваа разлика е уште поголема кај младите Французи (90% наспрема 51% при што поважни од работата се и „пријателите“ – 55%). На прашањето „кои потреби ги задоволува работата “, 83% од Европејците одговориле дека „носи приход“, односно 93% од Французите. Наспрема 54% од Германците кои сметаат дека работата е важна заради „развивање на знаењата/ вештините“ се 40% од Французите. „Да се биде признаен од околината“ е причина што ја навеле 25% од Германците, но само 10% од Французите. 32% од Европејците (односно 47% од Италијанците) рекле дека сакаат да „основаат своја фирма по завршувањето на студиите“, што е случај само со 22% од младите Французи. Оттука, многу повеќе отколку кое било друго решение, сонот на повеќето млади Европејци и понатаму останува „вработувањето во голема компанија“ (59%). А малите и големи претпријатија, толку фалени во јавните дискурси, привлекуваат едвај 35% меѓу нив.
А тој сон е малку далеку од реалноста. Кризата не ја поштедува ни европската младина: 39% од младите на возраст помеѓу 20 и 30 години, сите вработени, имаат постојан договор (договор на неопределено време или договор за службеничка дејност), 28% се со договор на определено време, 14% на привремено, 11% на училишна пракса, 7% на стаж. Најчесто Шпанците се наоѓаат во неизвесна ситуација (19% со договор на неопределено време, 29% на привремено, 27% со договор на определено време), а по нив следат... Французите (33% со договор на неопределено време, 38% со договор на определено време, 11% на привремено, 10% на училишна пракса) пред Германците (35% со договор на неопределено време, 28% со договор на определено време, 22% на училишна пракса), Италијанците (44% со договор на неопределено време, 35% со договор на определено време, 8% на училишна пракса) и Британците (62% со договор на неопределено време, 17% на привремено, 12% со договор на определено време)! За волја на вистината, младите Британци не се нешто подобри од своите колеги во другите земји зашто „договорите на неопределено време“ всушност носат голема неизвесност на.. постојаните работни места.
Јасно станува дека во овие околности, она што најмногу ги намамило младите на работното место што денес го имаат, е... „стабилноста“, која е најважна за Французите (42%), Шпанците (43%), Германците (39%) и Италијанците (37%). Единствено Британците, што е и прилично логично, ја наведуваат како клучна „можноста за кариера“ (40%) пред „стабилноста“ (37%), од која сосема „кренале раце“. Во едно слично истражување кое во 2009 година било спроведено само во Франција, младите испитаници ја ставиле стабилноста на осмото место меѓу клучните причини за вработување. „Платата“ била најважна (62%), а денес го зазема второто место (39%): односот на силата на пазарот на трудот е сега обратен.
 
Отстуства на микро-ниво
Како последица, се влошува социјалната клима и во самите компании. Кога ќе ги прашаме младите Европејци кои се нивните главни очекувања од нивниот менаџер, но и менаџерите, разликата помеѓу двата одговори е највидлива кога станува збор за тоа да се биде „уважен и земен предвид“ (63% наспрема 40%), потоа да се биде „сослушан и почитуван“ (63% наспрема 45%). Во однос на првиот одговор, разликата најмногу ги погодува младите Французи (73% наспрема 43%). 
Прашани да ги наведат причините поради кои би дале отказ, 41% од младите Европејци го наведуваат „зголеменото ниво на стрес“, 39% „влошувањето на работните услови“ (49% од младите Французи), 38% „недоволното покачување на платата“ (51% од Французите). „Цегос“ паралелно испита 500 директори за човечки ресурси од компании од петте земји, сопоставувајќи ги политиките за човечки ресурси кои младите ги оценуваат како важни и конкретно применетите политики. Доколку првото барање на младите Европејци за „прилагодување на работното време“ е генерално прифатено од страна на директорите за човечки ресурси, истото не може да се каже за следниве два приоритети: „работна средина што поттикнува на иновативност“ (побарано од 36% и применето од 23%) и „споделување на знаењата меѓу генерациите“ (35% наспрема 31%). Точно е дека кога станува збор за раководење со своите вработени, главните тешкотии со кои се соочуваат директорите за човечки ресурси во компаниите се првенствено „приоритетот кој вработените му го даваат на приватниот живот“ (36%), „отсуствата на микро-ниво“ (34%) и „недоволното ангажирање во компанијата“ (29%). Од друга страна, точно е и дека меѓу речиси 60% млади со несигурни договори за работа, личната проактивност станува вистинска реткост...
 
Социјалните мрежи не го олеснуваат премногу вработувањето
Последните податоци од ова истражување се однесуваат на еден сосема поинаков аспект. Спротивно на уверувањето што внимателно го унапредуваат консултантите во потрага по клиенти и директорите за човечки ресурси со недоволно технолошки алатки, „социјалните мрежи“ во само 4% од случаите им обезбедиле вработување на младите Европејци наспрема 25% кои пратиле биографија, 20% кои се повикале на лични контакти итн. Најголеми корисници на социјалните мрежи се младите Германци (10%) наспрема 1% меѓу Французите. 
 

 

Macedonian
22.10.2012
Извор: Ле Монд (Le Monde)

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“