Соработка на градовите од Долна Нормандија и Македонија, работна средба на градовите до Долна Нормандија
На 19 јуни 2013 година, претставниците на работната група на градовите во соработката, од Долна Нормандија, одржаа состанок во Каен. Со учество на Регионалниот совет на Долна Нормандија и организацијата Солидарни Хоризонти, општините: Ив, Шербур, Ливаро и Флери-сур-Орн, разговараа за активностите во соработката со градовите од Македонија.
Реализацијата на активностите на градовите од двете територии се одвива непречено, како резултат на динамиката и желбата за соработка од обете страни. Тоа пред сè се должи на одличната размена на искуства, но и размената на младите која зема сè поголем замав во соработката на градовите.
Една од главните теми на овој состанок сепак беше „управувањето со отпад“ подеднакво важна за градовите од Долна Нормандија, но и од Македонија. Така, на состанокот беше разгледана анализата на управувањето со отпад на Македонските општини, преку која француската страна успеа подобро да се запознае со моменталната ситуација во Македонија на ова поле. Мотивацијата за работа на оваа тема е забележителна кај повеќето градови и како резултат на тоа, во иднина ќе се работи на размена на капацитети и искуства во оваа област. Имено, со цел да се изработи конкретен проект на оваа тематика, ќе се организира работна посета во Македонија, за да се разгледа состојбата на македонските градови во управувањето со отпад од прва рака. На тој начин ќе се овозможи детален план за делување и продлабочување на соработката во овој домен.
Последователно на овој состанок на работната група, дел од претставниците на градовите од Долна Нормандија би можеле да ја посетат Македонија веќе во септември 2013 година.
Macedonian
20.06.2013