Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Родовата рамноправност бавно напредува

Printer-friendly versionSend to friend
Седмиците на социјални права во Франција (1) следниов викенд се прилика за илјадниците заинтересирани да дебатираат за еднаквоста и различноста.
Интервју со Клод Мартан, социолог и одговорен за истражувањата при Националниот центар за научно истражување (ЦНРС) во Рен, шеф на катедрата за социјални односи и здравје.
 
Се сменија ли значително машко-женските односи?
- По четири-пет генерации, несомнено да. Нашите баби не можеле да избегаат од судбината. Нашите родители биле запознаени со премисите на некаква си еманципација, ние ја следиме, а нашите деца поинаку го формираат својот родов идентитет, често несвесни за траењето на оваа бавна револуција.
 
Кој е клучниот фактор што ја предизвика оваа еволуција?
- Жените беа неуморно активни во текот на 20. век, особено за време на Првата светска војна кога ги заменија мажите кои се бореа на фронтовите. Но револуцијата во приватниот живот започна, пред се`, со вработувањето на жените, што ним им ги гарантира нивните социјални права, односно им понуди заштита против егзистенцијалните ризици. Вработувањето беше исклучително важен фактор кој донесе промени не само во односите помеѓу мажите и жените, туку и помеѓу генерациите и социјалните класи.
 
Каде родовата нерамноправност е и понатаму највидлива?
- Најверојатно во приватната сфера, во домашните обврски. Ваквата нерамноправност е се` поприсутна онаму каде жените почесто се соочуваат со несигурен работен статус и остваруваат и до 27% помали приходи од мажите на истото работно место. Претпријатијата и понатаму ја унапредуваат сликата на мажот како работник. Нашето општество ќе напредне тогаш кога ќе сфати дека работата не е се` во животот и дека рамнотежата помеѓу кариерата и семејството не е само женски проблем. Во интерес и на мажите и на жените е да станат рамноправни.
 
Како да се охрабри ваквата еволуција?
- Државата може и понатаму да ги развива и нуди јавните услуги за раното детство, подобро да ги помага родителските отсуства и така, да ја поттикне поделбата на домашните обврски. Особено треба да се заложи околу едно важно прашање: губењето на родителската автономија со која активната генерација треба да се носи покрај работата и воспитувањето на децата. Сопругите, ќерќите и снаите се, секако, први на списокот. Не треба да се им се (ис)троши времето и добрата волја на оние кои го држат системот на нозе.
 
Брак за сите, дали е тоа начин да се постигне рамноправноста?
- Позади ова барање се крие големата желба за признавање. Независно од сексуалната определба, секој може да биде родител без притоа да зачне дете, секој може да одгледува деца се` додека тие не се вашите. Денес, семејството не претставува двојка, туку пренесување вредности. Оттука, дали е тоа највисокиот приоритет? За мене, преголемото внимание што им се посветува на овие прашања за моралот ја затскрива нашата неспособност да се насочиме и работиме на решавање на нееднаквосите. 
 
(1) Седмиците на социјалните права во Франција се одржуваат до 25 ноември во Цветниот парк (Parc Floral) во Париз. За повеќе информации, посетете ја официјалната веб-страна: www.ssf-fr.org
 
 

 

Macedonian
03.12.2012
Извор: Уест Франс (Ouest France)

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“