Младите од Вевчани поминаа незаборавни моменти во Долна-Нормандија
Во рамките на соработката меѓу Вевчани и Ерманвил-сур-Мер , локалната невладина организација „ЛИЧНИК“ од Вевчани и локалната невладина организација „MJC INTERCOMMUNALE“ од Ерманвил-сур-Мер започнаа проект за организирање на младински размени. Проектот „Diving the sea- Climbing the mountain“ опфаќа две фази. Во првата и веќе реализирана фаза, десет млади од Вевчани на возраст од 14-17 години престојуваа во збратимената општина од 20 јули до 30 јули 2012 година. Бидејќи младите од Вевчани живеат во ридско-планински дел, идејата на проектот беше овие деца да спознаат каков е животот на младите од Ерманвил-сур-мер кои живеат покрај море.
За време на посетата беа реализирани повеќе активности кои имаа за цел да ја претстават француската култура и францускиот стил на живеење на луѓето кои живеат блиску до морето пред младите од Вевчани. Младите од Вевчани имаа можност да научат да изработуваат летала, да сурфаат на брановите во морето, да возат едрилици на ветер на брегот на морето и да снимаат радио програми. Тие исто така имаа можност да го посетат Музејот на Нормандија во Каен, градот Каен и помалите локални општини во регионот како: Колвил-сур-мер и Лук-сур-мер. Во рамките на престојот беа организирани француска и македонска вечер каде што двете земји имаа можност да презентираат дел од своите производи, игри, песни и ора. Во периодот од 26 -29 јули во Ерманвил-сур-мер гостуваше и Културно-уметничкото друштво „ДРИМКОЛ“ од Вевчани коешто имаше свој настап општината Флори-сур-Орн и Ерманвил-сур-мер со цел да ги претстави македонските традиционални песни, ора и носии. Во Ерманвил-сур-Мер фолклорната група настапи на Фестивалот на рибата кој традиционално се организира од страна на локалното население. На овој настан присуствуваа и младите од проектот за младинска размена и сите заедно имаа можност да пробаат традиционално подготвена морска храна.
Последниот ден од младинската размена беше посветен на прошетка низ Париз каде што беа посетени позначајните туристички објекти.
Наредната фаза од соработката меѓу Вевчани и Ерманвил-сур-Мер опфаќа аплицирање за проект за младинска размена во рамките на програмата „Млади во акција“ со кој десет деца на возраст од 14 до 17 години од Ерманвил-сур-Мер ќе престојуваат во Вевчани за време на летниот период во 2013 година каде што ќе имаат можност да се запознаат со животот на нивните врсници од општина Вевчани.
Macedonian
30.07.2012