Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Конкурентноста на фирмите: алката што недостасува

Printer-friendly versionSend to friend
За директорите на најголемите француски претпријатија, чинењето на работната рака би можело да биде главната причина за нивната мизерната конкурентност. Но можеби и не сосема така.
 
Најпрво, дали навистина конкурентноста на овие големи фирми е опадната поради чинењето на одработениот час? Берзанскиот индекс ЦАЦ 40 (CAC 40) укажува на поинакви резултати.
 
Ползувајќи ја во голема мера јавната помош – особено на полето на истражувањето, развојот и иновативноста – фирмите можеа да ги подобрат своите производи и услуги преку почеста употреба на новите технологии. А тоа, пак, е очигледно корисно и потребно. Но ваквиот чекор беше преземен единствено во однос на постојните производи и услуги, веќе присутни на пазарите каде што постои жестока конкуренција.
 
И покрај тоа, потцртува Никола вон Булов (1), француски специјалист за иновација, „веќе 40-ина години, Франција прилично заостанува на полето на иновацијата зашто ја пропушти појавата, а потем и експлозијата на новите генерации на висока технологија. Франција сосема ја заобиколи структурната економска реформа што ја наметна новата економија на иновативноста. Накратко, еден голем дел од економијата и тоа, еден од најважните, и` недостига на француската економија“.
 
Па, не се должи ли нерамнотежата од која страда нашата економија повеќе на оваа состојба отколку на чинењето на работната рака? Бидејќи Франција не знаеше да го создаде она што Ерве Биосер, директор на Централната школа во Париз, и Паскал да Коста, економист, го нарекуваат „нови радикално иновативни производи кои изискуваат индивидуална иницијатива и преземање ризици, производи кои единствено малите и средните претпријатија се спремни да ги испорачаат“ (2). Ниту, пак, да понуди на пазарот, наспрема постојните големи производи, гама нови производи, привлечни за светските пазари каде што маржите се поповолни. 
 
Насочувањето на напорите само кон „ценовната конкуренција“ го носи ризикот од истрошување на сите останати форми на развој, како што е поддршката за иновативноста без која не би постоеле подобри производи. 
 
Тоа би бил краткорочен облог зашто многу скоро би можеле да се најдеме во истата ситуација во која сме и денеска: постојните производи кои постојано се подобруваат ќе бидат секојпат поконкурентни, но ќе застарат со текот на времето, а ние ќе се жалиме дека  немаме замена.
 
Спротивно на сите големи и индустриски напредни земји, малите и средните технолошки претпријатија, како и целото ткиво на конвенционални мали и средни претпријатија увидоа дека во последно време во Франција се намалува до пресушување помошта потребна за нивното функционирање. Така, неретко претпријатијата згаснуваат, а нивните производи – трошоците за развој се веќе платени – понекогаш им донесуваат заработка на странските конкуренти!
 
Сакаме да се повтори ваквата фатална шема или можеби треба да признаеме дека потребна е еднаква поделба на нашите ионака слаби ресурси за да се помогнат и „ценовната и неценовната конкуренција“? Ова особено претпоставува дека еден дел од ваквата поддршка ќе треба да се намени и за „радикалната“ иновативност којашто ги поврзува светот на истражувањето и малите и средните претпријатија, дури и оние најмалите, инаку единствените способни да ги испорачаат производите во дефицит. Производи, кои иако зависни од производството на големите претпријатија, би ја урамнотежиле нашата економија.
 
Оттука, доволно би било да им се обезбеди уште поширок пристап до помошта за иновативност на малите, средните и помалите претпријатија (ПМЕ-ТПЕ), кои во моментов го немаат поради изразено строгите услови. Така, ќе треба значително да се ублажат предусловите за пристап кон „првичната“ фаза од која понатаму зависи целиот процес на иновација. Оваа фаза, пак, е поддржана во рамките на Францускиот систем за истражување и иновација (СФРИ/ SFRI) со цела палета средства (ЦИР, „Осео“, територијална помош...) со кои понатаму иако ограничено, сепак се обезбедуваат совети, експертиза и финансии и делумно се помага буџетот за конкретната активност (максималниот придонес не смее да биде поголем од социјалниот капитал на претпријатието, во најдобар случај треба да претставува од една третина до половина од вкупното чинење). Прилагоден за големите и средните структури, ваквиот систем, сепак, не им одговара на малите и средните, па оттука ни на најмалите претпријатија кои не се во можност да ги сносат дополнителните трошоци што паѓаат врз нивниот грб. Доволно би било да се поддржи во целост или, пак, делумно во одделни случаи, фазата наречена „потврда за концепт“, односно изготвувањето на модели за демонстрација и прототипи. Во САД овој пристап се применува веќе 30 години! Таму постојат 98 директори на големи фирми и илјадници раководители на мали, средни и многу мали претпријатија, полни со иновативни идеи кои би сакале да ги остварат. За сечие добро.
 
(1) « L’Innovation en France : un système en échec » од Никола вон Булов, јуни 2012 година, издавачка куќа „Тера Нова“ (Terra Nova).
(2) „Ле Монд“, 15 јуни 2012 година.
 
*Претседател на Комисијата за иновација при Генералната конфедерација на работодавци во малите и големите претпријатија (ЦГПМЕ) во департманот Рона-Алпи и поранешен извршен директор на „Метравиб“ (Metravib).
 

 

Macedonian
15.11.2012
Извор: Либерасион (La Libération)

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“