Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

До зачувување на културното наследство со само еден клик

Printer-friendly versionSend to friend
Соочен со потребата од опсежно реновирање и ограничен буџет, Центарот за национални споменици (ЦМН) склучи договор со „Мај Мејџр Компани“ (My Major Company). Оттогаш, веб-сајтот за партиципативно финансирање му помага на Центарот да ги „наполни“ фондовите. Операцијата наречена „Сите да станеме мецени“ овозможува да се помогне зачувувањето на четири големи француски споменици: Пантеонот, Дамата Каркас во градот Каркасон, статуите на Хипамен и Аталанта во паркот Сан-Клу и подвижниот мост на Мон-Сан-Мишел.
 
Le buste de Dame Carcas à Carcassonne
 
Досега, преку големи операции, ЦМН се трудеше да ги вклучи само компаниите. Се обрати и до јавните претплатници за реставрацијата не само на замокот во Анже, чиј кров изгоре, туку и на 46 статуи во паркот Сан-Клу. „Овојпат, сакаме да и` се обратиме на една поинаква јавност, која е помлада и подобро поврзана во дигиталниот свет“, објаснува Филип Белавал, претседател на ЦМН. „Сакаме да испишеме историја со помош на луѓето“. 
Корисниците на Интернет ќе можат да учествуваат во финансирањето на проектите со вредност од 5.000 па до 20.000 евра, чие вкупно чинење е далеку поголемо. На пример, само првата фаза од работата на Пантеонот чини 19 милиони евра. „Партиципативното финансирање повеќе ќе ги покрива трошоците за градилиштата кои ќе се поставуваат – вели Белавал – но ние сакаме да испишеме историја со помош на луѓето.“ „Мај Мејџр Компани“ предложи да ги поврзе преку својот веб-сајт корисниците на Интернет со креаторите на најразлични проекти. Првично насочена кон продукцијата на дискови, со текот на времето „Мај Мејџр Компани“ почнала да се занимава и со стрипови, книги, филмови, но и со поддршка на старт-ап компании. „Културното наследство е нов предизвик и за нас“, објаснува Виктор Лигер, генерален директор, и додава: „Државата се повлекува, но многу проекти и понатаму им се важни на Французите и туристите.“ Вчера (7 ноември), Лигер упати апел до сите градоначалници на Франција да ги „постават“ градилиштата за локалното културно наследство. Ова, пак, беше доволно да се зголеми посетеноста на неговиот веб-сајт. 
Во знак на благодарност за учеството – што може да изнесува најмалку 1 евро, сума од која ќе се одбијат 66% колку што е вообичаено за културното наследство – корисниците ќе можат ги видат своето име и фотографија на веб-сајтот, а подарежливите цели шест месеци ќе може да се гледаат на фасадата на споменикот чија реставрација ја помогнале (на т.н. церади). Така, лицата на дарежливите непознати луѓе привремено ќе се гледаат, оптегнати на ѕидовите на Пантеонот или на остатоците во Каркасон. 
„Мај Мејџр Компани“ ќе задржи 10% од вкупно собраните средства доколку се постигне потребната сума. Но целта и` е поинаква. „Во Франција, партиципативното финансирање е во зародиш, а знаеме дека може да профункционира“, вели Виктор Лигер. „Треба да се создаде движење.“
 
Народните мецени се во мода
Долги години Фондацијата за културно наследство успева да го реставрира околното културно наследство благодарение токму на широката јавност. Но една по една, и големите институции станаа претплатници со цел да ги финансираат реставрациите или откупот на уметнички дела. Така, средствата се враќаат, а истовремено се создава и поблизок однос со јавноста. Пред неколку години Версај ја претстави својата програма „Посвоете склуптура“. Трипати во две години „Лувр“ и` се обрати на јавноста за помош за да може да набави една слика од Кранах и да обнови две исламски дела (една мушарабија и еден мамлучки трем). Моментално, настојува да откупи две слонови коски од Средниот век. Националната библиотека на Франција (БНФ), пак, тековно се занимава со две активности: едната, долгорочната, овозможува да се помогне дигитализацијата на делата (посвоете книга), а другата има за цел откупување на едно важно национално дело (Книгата со молитви на Јованка од Франција, инаку втора ќерка на Луј XI). Досега финансиски помогнало 1.321 лице, односно собрани се 203.000 евра: недостигаат уште 50.000 евра, а рокот истекува на 15 ноември.
 
Партиципативно финансирање
Во САД, каде јавното финансирање на културата речиси и да не постои, а даноците не се превисоки, ваквата техника функционира. Сепак, партиципативното финансирање – корисници на Интернет кои учествуваат во креирањето или изведбата на проекти – е и понатаму дискретно, иако нема кој не мисли дека „идејата е одлична“.
Во Франција, овој метод го воведе „Мај Мејџр Компани“. Првично, веб-сајтов им предлагаше на корисниците да поддржуваат пејачи. Среќата му се насмевна на Грегоар, кој во 2009 година беше непознат пејач. Со сумата од 70.00 евра што ја уплатија корисниците на Интернет, се продуцираше песната „Ти + јас“ (Toi + Moi). Во 2010 година, песнава беше една од 20-те најслушани во Франција. Оттогаш, изворот како да пресуши. Веб-сајтот се насочи кон стрипот (финасирање на 18-от албум на серијата „Ларго Винч“ (Largo Winch)), книгите (во соработка со Фиксо) и неколку други културно важни производи.
Во кинематографијата, на пример, Лик Бесон го примени методот на партиципативно финансирање заедно со „Оранж“, повеќе заради самата комуникација. Во 2010 година, преку заедничкиот веб-сајт weareproducterus.com корисниците добија прилика да бидат продуценти на еден игран филм, чие снимање се планираше за есента 2011 година. Околу 12.600 корисници инвестираа 118.000 евра во „Слеп човек“ (À l'aveugle), фикција со Жак Гамблан и Ламберт Вилсон. Но филмот никогаш не се сними, па Бесон се откажа од идејата.
Не заживеа ни myshowmustgoon.com, креиран во 2010 година. Специјализиран за сценска уметност, веб-сајтот ја помогна, на пример, постановката на „Пром‘над д‘ санте“ со Мелани Лоран, која се случи во Париз, во театарот „Ла Пепиниер“. „Пазарот не е се` уште доволно зрел, навиката допрва треба да се стекне“, проценува Пјер-Миш‘лан, еден од основачите на myshowmustgoon.com. „Треба да се разбуди интересот кај корисниците на Интернет, а без некое звучно име, тие тешко се решаваат на ваков чекор.“
 

 

Macedonian
08.11.2012
Извор: Ле Фигаро (Le Figaro)

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“