Делегација од Флери, Долна Нормандија се запозна со Општина Карпош
Петчлена делегација предводена од градоначалникот на општината Флори на Орн, Марк Лесер, од 5 до 9 јули беше во посета на општина Карпош. Делегацијата беше официјално примена од градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Во подолгата и срдечна средба, двајцата градоначалници изразија искрена желба за соработка на повеќе полиња како што се локалниот економски развој, млади, култура, одржливиот развој (транспорт, инфраструктура и екологија) како и демократија (локална демократија и половата еднаквост). Градоначалникот на Карпош на гостите им понуди конкретни проекти за соработка, пред се кај помладата популација, од училишна возраст, потоа во спортот, културата и уметноста.
Во текот на четиридневната посета на делегацијата од Долна Нормандија составена од градоначалникот и заменици градоначалници од Флори, тие имаа средби со сите сектори на работа во локалната самоуправа и ги посетија градинките и училиштата на Карпош. Исто така, земајќи го во предвид посебниот интерес од француската страна за темата локална демократија и учество на граѓаните, тие имаа работен состанок со урбаните и месните заедници од Општината Карпош. На средбата со општинските советници, и двете страни имаа можност да разменат информации за функционирањето на локалната самоуправа во Франција и Македонија како и предизвиците на децентрализацијата во двете земји.
Првите средби кои се остварија во изминатите денови, беа само на ниво на запознавање на двете администрации, но втората фаза е реализација на конкретни проекти. Наредната средба е предвидена до крајот на оваа година, кога претставници од Општина Карпош се поканети на средба во Долна Нормандија. Тогаш би се разговарало за можно збратимување на овие две општини.
Оваа средба се одржа во рамките на програмата за децентрализирана соработка помеѓу Регионот Долна Нормандија и Република Македонија чија цел е создавање на можности за соработка на тема локален развој и локална демократија помеѓу чинители од земји. Оваа идна можна соработка ќе се приклучи во динамиката на сегашните 7 директни соработки помеѓу општини од Македонија со општини од Долна Нормандија: Охрид, Струга, Велес, Крушево, Берово, Вевчани и Дебар.