Градовите од Македонија и Долна Нормандија ги зајакнуваат соработките
На 5ти декември 2011 година, претставници од пет македонски општини, збратимени со локални власти од регионот Долна Нормандија од Франција, одржаа заеднички состанок каде разговараа за својата досегашна соработка со нивните француски партери, но и за иднината на соработката на градовите од двете територии.
Состанокот беше организиран од страна на канцеларијата на соработката меѓу Долна Нормандија и Македонија во Скопје, Асоцијацијата на агенции за локална демократија (АЛДА) и Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) со цел вмрежување на македонските градови кои соработуваат со Долна Нормандија. Координаторите на општините Дебар, Берово, Велес, Струга и Крушево ги претставија проектите и реализираните средби со своите збратимени општини од Долна Нормандија, како и нивното значење за локалниот и меѓународниот развој.
Секако, најголем интерес кај сите општини побудија заедничките теми на соработка во областа на културата, животната средина и одржливиот развој. Токму овие заеднички теми резултираа со динамична дебата на размислувања и идеи за проширување и збогатување на соработката со вклучување на повеќе општини од Македонија и од Долна Нормандија кои заеднички би работеле на одредени проекти преку формирање на работни групи и обуки. Во рамките на проектот на децентрализирана соработка меѓу Долна Нормандија и Македонија, соработката на градовите како посебна гранка постојано се развива и вклучува нови локални власти од двете територии кои работат на остварување на заеднички цели.