Госпоѓа Лоренс Оер му ги врачи акредитивните писма на претседателот на Република Македонија
Амбасадорката Лоренс Оер истакнувајќи ја поддршката што Франција и Амбасадата на Франција во Скопје ѝ ја нудат на земјава и истакнувајќи го продолжувањето на добрата соработка, го одржа следниов говор:
Господине Претседател,
Ми претставува особена чест да Ви ги предадам писмата од претседателот на Република Франција, господинот Франсоа Оланд, кој ме акредитира како амбасадорка на Франција во Македонија.
Франција и Македонија одржуваат длабоки историски односи. Ние создадовме врски помеѓу нашите народи во најинтензивните моменти во настаните кои ја исцртаа Вашата историја. Франција неуморно дејствуваше за стабилизирање на Вашата држава, за стабилноста на Вашиот регион.
Во Франција, Вие имате поддршка од владата која Ве придружува во европската перспектива кон која се стремите, како што тоа го покажа и скорешната средба помеѓу вицепремиерката задолжена за европски прашања, госпоѓа Теута Арифи и министерот за европски работи, господин Бернар Казенев.
Вие исто така имате поддршка од француските региони и градови кои уште пред неколку декади започнаа плодна соработка на конкретни проекти во сите сектори: образование, млади, животна средина, туризам, добро владеење. Ние имаме активна соработка на сите можни проекти со администрацијата и граѓанското општество со цел да придонесеме кон подготвување на идните генерации во Вашата држава.
Претседателот на француската република ми ја довери мисијата уште повеќе да ги зајакнам врските што постојат меѓу наште земји. Тој Ви упатува пријателски поздрави. Мојата мисија се случува во важен период за вашата земја на патот кон Европската унија, во подготовка на нејзиното законодавство, но и на добрите практики, инвестирање во иднината, добрососедските односи. Во тој поглед, познати ни се пречките и посакуваме што побрзо да се најде заедничко прифатливо решение во однос на прашањето за името.
Ве уверувам дека постојано ќе се залагам за да ја поддржам Вашата земја во таа насока со цел да се обезбедат колку што е возможно сите корисни контакти и проекти за таа подготовка.
Заедно со мојот тим, ја истакнувам, како што и моите претходници направија, желбата на Франција да игра позитивна улога на сите полиња за да се истакнат убавината и предностите на Вашата земја, за овде да се привлечат претпријатија и францускиот и македонскиот народ да продолжат да се запознаваат подобро и да се ценат.
Господине Претседател, Вие и вашите сограѓани можете да сметате на мене за оваа заедничка дејност.
Macedonian
14.02.2013
Извор: Амбасада на Франција во Скопје