Усвоена локална младинска стратегија на Град Скопје
На 30 јануари 2014 година советниците на Советот на Град Скопје едногласно ја усвоија Локалната Младинска Стратегија на Град Скопје. Целта на оваа стратегија е да се подобри животот на младите луѓе во Град Скопје преку нивно активно вклучување во процесите на локално ниво.
Стратегијата се состои од два клучни делови: пет годишна стратегија и акционен план. Двата документи во себе содржат активности за подобрување на животот на младите изразени во 8 области кои се идентификувани како приоритетни: младинско информирање; локална младинска работа; младинско учество; образование; здравство и превенција; квалитет на живеење; младинско самовработување и култура.
Стратегијата за млади на Град Скопје беше креирана во рамките на проектот „Учество на младите во креирањето на политики“, како дел од соработката меѓу Долна Нормандија и Македонија. Процесот на креирање и развивање на стратегијата започна уште во 2012 година, како резултат на соработката меѓу Коалицијата СЕГА од Прилеп и Европската куќа од Каен, во рамките на оската млади. Во процесот на изработката на стратегијата, со цел застапување на младите и младинските политики на територијата на Македонија, покрај Град Скопје и партнерите од оската млади, голем удел имаат и француските експерти од Долна Нормандија кои работат токму на ова поле. Во формирањето на оваа стратегија, секако дека голема улога одиграа токму оние на кои оваа стратегија им е намената – младите луѓе. Така, голем број на студенти, средношколци, претставници на локалната самоуправа и други организации, преку организираните работни групи, обуки и предавања, во голема мерка го оформија овој документ, со цел да се подобри младинската политика на локално и регионално ниво.
Младинската стратегија достапна на македонски и албански јазик.
Macedonian
17.02.2014