Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Ученици од Берово на посета во Ливаро, Франција

Printer-friendly versionSend to friend
Macedonian

Дванаесет ученици од основното училиште Дедо Иљо Малешевски- Берово престојуваа во Ливаро, Франција, од 2 до 9 декември 2013 година. По едногодишна размена преку компјутерските алатки за комуникација преку интернет, учениците добија прилика да ги посетат нивните пријатели од Ливаро. Тие поминаа прекрасна недела во Нормандија при што целосно ја исполнија нивната агенда. Имено, за време на престојот ја посетија фабриката за сирење Грендорж и имаа едукативна работилница за производство на сирење. Потоа, одржаа час во основното училиште во Ливаро со пишување на извештај од посетата на фабриката и решавање на задачи на француски јазик. Посетија фарма, ранч, музеи и плажата на истоварувањето од Втората светска војна. За крај, учениците имаа можност да го разгледаат Париз со сите негови убавини.  

„Таму поминавме прекрасно, премногу сме задоволни од пречекот и престојот“ вели Сунчица Штрбевска, учителката која ги придружуваше младите во Франција. „Учениците престојуваа кај фамилии и навистина се задоволни од нивниот топол пречек, се чувствуваа како дома. Овој престој, пред се им помогна на учениците да ги усовршат нивните познавања од францускиот јазик“.

Како дел од активностите беше организирана и театарска вечер. Учениците од Берово се претставија со изведба на кратки пиеси и читање на поезија, изиграа едно традиционално малешевско оро, а потоа заедно со учениците од Ливаро изиграа едно традиционално македонско оро. „Бев многу воодушевена бидејќи учениците од Ливаро многу брзо ги научија чекорите и со задоволство излегоа на сцена да го одиграме заедно“ вели Сунчица.

„За време на престојот забележливо беше дека и француските ученици уживаа во нашето друштво како и ние со нив. Се родија нови пријателства помеѓу учениците. Учениците од Берово им подарија на своите другарчиња со кои се допишуваат скромни подароци и честитки за Божиќ, изработени од нив самите. Но и учениците од Ливаро не изостанаа со подароците. На испраќањето на аеродромот имаше моменти полни со емоции и по некоја солза за разделба од двете страни. Се надевам дека овој вид на размена ќе продолжи“, надополнува Сунчица.

Во рамките на децентрализирана соработка помеѓу Регионот Долна Нормандија и Република Македонија, Општината Берово и Ливаро потпишаа конвенција за соработка која се однесува на активности за соработка не само во полето на образованието туку и туризмот, и комуналата грижа. Благодарение на финансиската поддршка и соработката со Министерството за надворешни работи на Франција, Регионот Долна Нормандија ги поддржува иницијативите за збратимување на општини и други локални власти од Долна Нормандија и Македонија.


 

05.12.2013
Ouest-france.fr

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“