Јавна расправа за предлог- стратегијата за млади на Град Скопје
На 08 октомври 2013 година, во Советот на Град Скопје, се одржа завршната јавна расправа за предлог-верзијата за Локалната стратегија за млади на Град Скопје, којашто изминатата година ја изготвуваше Коалицијата СЕГА, со поддршка на Град Скопје и програмата за децентрализирана соработка Долна Нормандија/Македонија. На расправата присуствуваше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претставник на Агенцијата за млади и спорт, Зорица Стаменковска, како и извршниот директор на Коалицијата СЕГА, Зоран Илиески.
„После една година од почетокот на процесот за креирање на стратегијата за Млади на Град Скопје, денеска, веќе ја имаме пред себе драфт верзијата на стратегијата која треба да ни ги даде насоките на идното дејствување за подобрување на позицијата на младите во Градот Скопје. Заедно со Коалицијата на младински здруженија СЕГА, како изработувач на оваа стратегија, поминавме особено долг пат до оваа драфт верзија, се одржаа две конференции, едно испитување и еве дојдовме до крајот, да се направат последните корекции на предлог –стратегијата, документ кој за мене лично, е од големо значење. Со оглед на важноста којашто ја имаат младите во едно општество, иницијативата за креирање на Локална стратегија за млади, јас како градоначалник без размислување ја прифатив, а и во мојата изборна програма младите заземаат посебно место, бидејќи сум убеден дека институциите треба по активно да се вклучат во решавање на проблемите и во поддршката на потребите на младите, во секој сегмент од општествениот живот“, истакна градоначалникот Трајановски.
Работната верзијата на Локалната стратегија за млади на Град Скопје има за цел да ја подобри општата состојба на животот на младите во Град Скопје, а опфаќа повеќе области на дејствување и тоа: образование, младинско само вработување, здравство и превенција, култура, информирање, локална младинска работа, како и подобрување на квалитетот на живот кај младите.
Нацрт верзија од оваа Стратегија помина низ три фази на изработка, иницијална Конференција за отпочнување на процесот на креирање на локална младинска политика во Град Скопје, одржана на 28.11.2012 година, потоа спроведување анкета за испитување на јавното мислење и анализа на ставовите на младите во Град Скопје, со цел да се истражат специфичните потреби на младите луѓе на ниво на Град Скопје, спроведена на репрезентативен примерок од 600-тини млади луѓе од 10 општини на територија на град Скопје и уште една Конференција на тема „Стратегија за млади на Град Скопје“ организирана на 12 јуни 2013 година. Во изработката на овој документ беа искористени искуствата разменети на оваа тема со соодветни институции од Регионот Долна Нормандија за време на студиската посета организирана во мај 2013 година.
Работната верзија на Стратегијата на млади на Град Скопје, соодветствува со Националната стратегија за млади на Република Македонија, а за да стане официјален документ ќе треба да биде ставена на гласање на една од наредните седници на Советот на Град Скопје.