Презентирана методологија за заштита на архитектонското наследство во Македонија
На 23 февруари годинава, Градоначалникот Горан Петров во функција на претседател на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство оствари средба со делегација на Француската национална асоцијација на градови со историја и уметност. Оваа средба е дел од Оската 3 „Попис на културно наследство“ од проектот за децентрализирана соработка меѓу францускиот регион Долна Нормандија и Македонија.
На средбата присуствуваа Марилиз Ортиз, директор на Француската национална асоцијација, Антоан Бругерол експерт за заштита на архитектонско наследство, Жаки Крушо, раководител на секторот за урбанизам во градот Бајон и Елена Никодиновска координатор на активностите за соработка помеѓу Република Македонија и Република Франција.
Градоначалникот Петров изрази задоволство од вклучувањето на Велес во проектот за децентрализирана соработка со регионот Долна Нормандија и можноста заедно со уште 6 македонски општини да се работи на примена на европските стандарди за заштита на архитектонското наследство. Марилиз Ортиз ја нагласи досегашната успешна соработка со Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство и изрази надеж дека овој проект ќе резултира со конкретни проекти на терен. „Ние веќе разговараме со Советот на Европа за поддршка на проектите за заштита на архитектонското наследство“, рече Ортиз. Како што нагласи Антоан Бругерол, инвентаризацијата на архитектонското наследство во Европа се развива врз основа на две функции: да се нагласи значењето на архитектонското наследство и да се идентификуваат тематски целини во архитектурата што ќе овозможат одржлив развој, подобар амбиентален живот, зачувување на архитектонскиот идентитет и развој на туризмот. „Сите активности се реализираат со максимално вклучување на населението“, рече Жаки Крушо.
На 25 февруари во просториите на општина Велес беше презентирана методологијата за попис на архитектонското наследство, од страна на претставниците на француската делегацијата, која за првпат во Македонија беше применета во старата чаршија во Скопје. Се предвидува истата да биде применета и во други градови во Македонија членки на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство.
Macedonian
23.02.2011