Хигиената e неопходна за квалитетно млеко
Федерацијата на фармерите на РМ и земјоделски техничар од млекарата „Суташ" ја посетија фармата на Вера Трајковска од скопското село Илинден, каде што со сточари одржаа обука за обезбедување на хигиена на млекото од процесот на молзење до носење на млекото во млекарниците. На работилница беа пренесени француските практики кои Вера Трајковска и земјоделскиот техничар од Суташ, Симона Анѓелеска ги видоа за време на нивниот престој во Франција кои се пременуваат од земјоделците од Долна Нормандија.
„Она што можевме да го видиме во Франција, исто како и кај нас молзењето се врши после јадење во одредени периоди, но за разлика од кај нас таму кравите се постојано на паша и не се постојано во затворен простор", вели Вера Трајковска.
Симона Ангелеска потенцира дека во Франција најмногу внимание се обрнува млекото да е квалитетно односно да не содржи микроорганизми.
„Она што можевме да го видиме во Франција е хигиената која ја имаат во фармите, чистењето на самите крави, задолжително пред да започне машинското молзење се чисти вимето со чисти и нежни памучни крпи и тоа секоја крава се чисти со одделна крпа натопена во млака вода. После молзењето вимето се прска со прскалка во која е растворен јод, за да се спречи инфекции. Рацете мора да се чисти и никако со рацете не смее да се допира млекото", објасни Симона Анѓелеска. Таа потенцира дека машинската опрема за молзење, лактофризерите и млекарските садови мора да се чисти и мора да се чуваат во одделна дезинфицирана просторија. Ваква средба ФФРМ ќе реализира во прилепското село Мажучиште на фармата на Стеванче Јорданоски.
Текстот во оригинална верзија е достапен на страната на Федерација на фармери на Република Македонија.