Работна посета на тема културни политики во областа на Заливот Сен Мишел
Согласно резултатите од работилницата која се одржа во Битола од 29 до 31 мај 2013г. и утврдениот потенцијал за можна соработка помеѓу институционалниот сектор и културните актери од регионот Пелагонија (МК) и областа на Заливот Мон Сен Мишел (ДН), во периодот од 16 до 19 јуни 2013г. се реализираше работна посета на областа на Заливот Мон Сен Мишел. Целта на посетата беше запознавање со моделите на поддршка и промоција на културата на ниво на “заедница на заедници” од областа на Заливот Мон Сен Мишел, како и начините на анимација на локалното население и привлекување на домашни и странски посетители преку уметност, култура и културно наследство.
За време на посетата се реализираа средби со претставници од културни и туристички институции од Областа на Заливот Мон Сен Мишел со цел да се запознаат со програмата за децентрализирана соработка меѓу Долна Нормандија и Македонија како и нивно вклучување во оската Културни политики. Посетата беше искористена за да се претстави начинот на работа и активностите кои се спроведуваат во рамките на програмата на територијата на Регионот Пелагонија. Од Македонија на оваа работна посета земаа учество: Виолета Качакова, претставник на Локомотива, македонски партнер на оската; Гордана Лозановска-Стефановска, Советник во општина Могила. Работната посета беше програмски уредена и координирана од страна на француските партнери на оската – администрацијата на областа на Заливот Мон Сен Мишел.