Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Град Скопје започнува нова политика за млади со поддршка од Долна Нормандија

Printer-friendly versionSend to friend
На 28 ноември 2012 година, Коалицијата на младински организации – СЕГА ја организираше конференцијата „Политика за млади за Град Скопје“ во партнерство со  Град Скопје, Регионалниот совет на Долна Нормандија и Европска куќа од Каен, Долна Нормандија. Целта на конференцијата беше да се дефинира состојбата на младите и младинските политики во Град Скопје. Конференцијата го симболизираше и приклучувањето на Град Скопје во оската „Млади“ на децентрализираната соработка меѓу Долна Нормандија и Македонија и претставува продолжение на  започнатите активности за спроведување на проектот „Креирање на локална младинска стратегија за Град Скопје“.
 
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, официјално ја отвори конференцијата во присуство на многубројна публика составена од млади, професори во средни училишта, невладини организации, одговорни за младински политики, градоначалници на општини од Долна Нормандија и медиуми. Градоначалникот на Град Скопје го искажа своето задоволство за првата организирана конференција во партнерство со СЕГА на тема млади бидејќи токму младите се иднина на Град Скопје. Тој исто така подвлече дека Локалната стратегијата за млади на Град Скопје треба да одговори на потребите на младите во градот, но и да го поттикне концептот на активен граѓанин како потреба на нашето општество.
 
Градоначалниците од Долна Нормандија ги претставија своите искуства и политиката за млади во нивните градови. Нусит Куета, заменик-градоначалник задолжен за меѓународна соработка во општината Еровил-Сен-Клер истакна: „Скопје започна постапка за создавање на тела за консултација со млади. Ние сè уште не сме во таа фаза и затоа сметам дека ова искуство ќе биде значајно за Еровил-Сен-Клер.” Силвиан Лепоитеве, заменик-градоначалничка задолжена за граѓански сектор на општина Еровил-Сен-Клер изјави: „И покрај далечината, ние сме многу слични. Секогаш е интересно да се воочи дека не сме единствените што се соочуваме со одредена проблематика (млади), туку дека тоа се случува насекаде.“ Жан-Пол Гошар, градоначалник на градот Иф го истакна значењето на децентрализираната соработка меѓу Долна Нормандија и Македонија бидејќи таа им овозможува на партнерите да разменуваат практики и да се поддржуваат меѓусебно.
 
 
Конференцијата беше динамична и учесниците активно дискутираа со цел да се решат проблемите со кои младите во Скопје и во Македонија се соочуваат. За таа цел, по првиот дел на конференцијата во кој одговорните за младински политики ги искажаа своите ставови, младите заедно со професорите од средните училишта и локалните невладини организации, работеа во работни групи на различни теми согласно со Националната стратегија за млади. 
 
Зоран Илиески од СЕГА ја затвори конференцијата поздравувајќи ја плодната работа на работните групи. Тој истакна дека резултатите од конференцијата се само прв чекор кон изготвување на стратегии што ќе имаат за цел да ги решат младинските проблеми. 
Во иднина ќе се создадат работни групи на ниво на секоја општина за да им се овозможи на младите простор да се изразат и да дадат предлози со цел да најдат решенија за младинските проблеми.
 
Macedonian
30.11.2012

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“