Регионални денови на културата во пелагонискиот плански регион
Macedonian
Како резултат на иницијативата за формирање на регионална мрежа за културата во рамките на проектот за децентрализирана соработка меѓу Долна Нормандија и Македонија, од 26 октомври до 13 ноември 2012 година се одржуваат Регионални денови на културата во сите општини кои ги опфаќа Центарот за развој на пелагонискиот плански регион.
Регионални денови на културата претставува втора фаза од проектот за меѓународна соработка финансиран од Министерството за култура, а реализиран во партнерство меѓу Долна Нормандија и Центарот за култура.
-Тоа се необични локации на овој настан, од аспект на немање традиција. Овие Регионални денови на културата, во наредните 20-тина денови ќе провејат како новост, социјална забава за жителите на тие општини, изјави Емилиа Ѓероска, директор на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.
- Дел од програмата е гостувањето на КУД од Сплит во Могила, изложба на колонијата Дрен од Прилеп во Ресен, изложбата на градски костуми на Завод и музеј Битола во Прилеп, изјави Борче Димитровски, директор на Центар за култура.
Во рамките на оска 4 од децентрализираната соработка, Центарот за нови иницијативи во културата Локомотива соработува со Центарот за развој на пелагонискиот плански регион за воспоставување и функционирање на регионалната културна мрежа. Регионалната мрежа за култура во Пелагонија е формирана со цел да се здружат способностите и капацитетите на регионот преку меѓуопштинска и меѓуинституционална соработка во областа на културата, да се поврзе културата со секторите за туризам и млади и да се воспостави меѓурегионална соработка со Областа на заливот Мон Сен Мишел, а сето тоа да придонесе кон подобар и рамномерен регионален развој.
08.11.2012
Извор: tera.mk