Мистеријата на Битолчанецот кој загинал во десантот во Нормандија
Битолчанецот Панде Матевски (1914-1944) учествувал во десантот во Нормандија во 1944 година за време на Втората светска војна. Ова е единствениот или еден од ретките Македонци што биле дел од најголемата инвазија во историјата на човештвото, позната како истоварување на сојузничките сили во окупирана Франција. За жал, во историските книги и на онлајн-страницата на Центарот на американските воени ветерани нема податоци за авијатичарот од Битола, кој на 30 години загинал во големата падобранска акција.
Сведоштво дека војникот учествувал во десантот е и спомен-плочата во неговата запуштена гробница на Буковските гробишта во Битола. На неа пишува дека таму почива Панде Матевски, роден 1914 година во Битола, кој загинал во десантот во Нормандија во јули 1944 година како американски подофицер. Во долниот дел од плочата е запишано дека споменот го подигнала неговата фамилија.
Во гробницата се влегува низ врата, која очигледно подолго време е оставена отклучена. Во истата просторија безмалку 70 години лежи метален ковчег во кој биле донесени посмртните остатоци од војникот. Има свеќник, а на ѕидот се поставени венец и фотографии, на војникот и на жена, најверојатно, мајка му.
- Знаеме дека загинал во 1944, а во метален ковчег бил донесен овде и поставен во гробница во 1947 година. Се претпоставува дека во родната Битола посмртните останки на војникот ги вратила мајка му. Познато е дека извесни роднини го посетувале гробот до шеесеттите години од минатиот век - вели Александар Литовски, историчар од битолскиот Завод и музеј.
За жал, засега нема точни податоци за животот на битолчанецот кој бил директен учесник во десантот. Се претпоставува дека бил авијатичар, иако во десантот имало и воени сили кои биле пренесени по морски пат.
- Има разногласие и за тоа од каде потекнувал, дали од Битола или од околните битолски села. Се претпоставува дека доброволно се пријавил во американската војна. Најверојатно, и Матевски како и други Македонци бил како печалбар заминат во Америка и од таму се вклучил во сојузничките трупи - додава Литовски.
Темава останува отворена за понатамошни истражувања. Постојат претпоставки дека одредени институции располагаат со податоци за војникот. Во изминатите години гробот бил посетуван и од претставници на американската амбасада во Белград.
- Имаше иницијатива од Амбасадата на САД, Денот на благодарноста за Балканот да се одбележува на гробот на овој војник на Буковските гробишта во Битола - ни рече раководителот на гробиштата, Јордан Ристевски.
Годинава се одбележуваат 70 години од десанот
Годинава на 5 јуни се навршуваат 70 години од десантот во Нормандија за кого историчарите знаат да кажат дека бил судир на два воени гиганта, сојузниците и нацистите.
Во него сојузниците на брегот на Франција истовариле голема воена сила - 7.000 брода со 1.500 тенка, стоилјадна пешадија, имало 10.000 авиони, многу муниција. Биле истоварени над 7.000 падобранци припадници од 101. и од 82. американска и од шестата британска падобранска дивизија.
Од падобранците загинале 2.000, а уште толку биле ранети. Единаесет месеци по десантот Германија капитулирала.
Жанета Здравковска
Macedonian
09.04.2014
Dnevnik