Квалитетот на млекото останува главен предизвик за македонските млеко-производители
Во периодот од 14 до 20 мај 2013, македонска делегација на фармери од ФФРМ оствари работна посета во Франција, односно во Долна Нормандија. Делегацијата составена од тројца учесници, беше составена од двајца сопственици на пилот фармите со кои се работи во Македонија и од еден техничар за млеко. Во текот на 5-дневната посета која главно се одвиваше на терен, македонските фармери имаа можност да разменат голем број на искуства и идеи со француските земјоделци и експертите од областа на производството на млеко.
За време на работната мисија, учесниците имаа можност да ја посетат млекарата „Сенебал“ која што преработува над 400 тони млеко. Исто така се запознаа со терминот и институцијата на интерпрофесија, која подразбира заедничка соработка меѓу млекопроизводителите, преработувачите и претставниците на лабораториите, кои на заеднички средби донесуваат одлуки за производството и пласманот на млекото. Посетени беа и голем број на фарми кои применуваат најсовремена технологија во исхраната и процесот на молзење, но и успешно произведуваат органско млеко.
Оваа активност, раководена од ФФРМ и АФДИ, и` овозможи на македонската делегација да дознае повеќе за процесот на производството на млеко, што резултираше со бројни заклучоци. Еден од нив е секако потребата за едукација и подигнување на свеста кај фармерите за потребата од производство на млеко со висок квалитет, како и одржување на хигиената на фармата во Македонија. Тие прашања треба сè уште да се третираат како приоритети со итна потреба од реагирање и дејствување.
Наредните размени, особено во Франција, треба да опфатат и претставници од преработувачките капацитети во Македонија, со цел да ги прошират своите знаења во доменот на градење и развивање на кооперантски односи на релација млекопроизводител-млекара. Неопходно е формирање на работно тело, во кое млекопроизводителите, млекарите и лабораториите заедно би функционирале и заедно би донесувале одлуки, со цел да се подобри решавањето на проблемите, но и да се намали нивниот број. Кооперативното здружување треба да стане основната форма на функционирање на млекопроизводителите во Македонија, по примерот на француските фармери.
Macédonien
11.06.2013